Вчера заврши спасувачката мисија во пештерата Там Луанг во Тајланд, при која беа спасени 12 момчиња и нивниот тренер. Тие беа заглавени цели 18 дена и поради фактот што преживеаја толку долго време, слободно можат да се наречат ХЕРОИ.
Откако светот воздивна со олеснување кога беа извлечени и последните четири момчиња и тренерот, на социјалните мрежи започнаа да се објавуваат фотографии од вистинските херои зад успешната спасувачка мисија.
Тоа се бестрашните нуркачи, луѓето кои волонтираа за да спасат тотални странци, оние кои спиеја во калта за да се уверат дека децата набрзо ќе спијат во топли кревети, докторот кој го прекина одморот за да помогне, граѓаните кои со денови испумпуваа вода од пештерата, селаните кои ги жртвуваа своите поседи за да ја олеснат мисијата, тренерот кој се откажа од својата храна за да ги одржи децата во живот...
Разбирливо, голем дел од објавите се за Саман Гунан, нуркачот кој го загуби својот живот во пештерскиот комплекс откако остана без кислород. Луѓе од целиот свет му се заблагодарија за несебичноста и помошта.
Во пикот на радоста за спасувањето на децата, одекна веста за смртта на таткото на доктор Ричард Харис, човекот кој заедно со четворица тајландски нуркачи остана три дена во пештерата со момчињата за да се грижи за нивното здравје. Харис бил волонтер во мисијата, кој се откажал од одморот во Тајланд за да го понуди своето знаење и вештини во тој тежок момент. Хуманиот анестезиолог од Австралија бил меѓу последните кои излегле од пештерата.
И покрај заслугите, доктор Харис со скромност изјавил: „Големите херои во сето ова се децата и нуркачите од тајландската морнарица кои ги бараа. Тие се најцврстите момчиња и деца кои некогаш сум имал привилегија да ги запознам и ако тие не беа во состојбата во којашто беа, ние немаше да можеме да направиме ништо. Таму лежат сите заслуги“.
Од тајландската морнарица на Facebook објавија фотографија од четворицата нуркачи кои ја обезбедуваа пештерата во која се наоѓаа децата, тренерот и докторот. Тие на крајот едвај излегле откако една од пумпите откажала.
Нуркачи од многу земји низ светот доброволно им се придружија на нуркачите од тајландската морнарица. Финецот Мико Паси, кој беше еден од нив, сподели фотографии од акцијата за извлекување за да покаже дека не постојат невозможни мисии.
„Оние кои велат дека не може да биде направено, не треба да им пречат на оние кои го прават тоа. 13 деца сите живи и безбедни“ – напиша тој на фотографија која стана вирален хит на социјалните мрежи.
„Децата се многу поважни од оризот. Можеме да пораснеме ориз повторно, не можеме да ги пораснеме повторно децата“ – рече една од жените чии поседи со ориз беа поплавени со водата која беше испумпана од пештерата.
Додека многумина на интернет го обвинуваа тренерот на фудбалскиот тим за несреќата, родителите на момчињата во ниту еден момент не го направија тоа. Напротив, тие му се заблагодарија што се грижел за нивните деца.
„Тој ги одржувал младите момчиња во живот, им го дал својот дел од храната, поради што е еден од најслабите таму, а ќе биде извлечен последен од пештерата. Вистинскиот херој кој ги чуваше сите безбедни. Те поздравувам тренеру“ – пишува на Twitter.
Еве фотографии и од останатите херои на кои сите им се заблагодаруваме што го прават светот поубаво место.