Емотивниот почеток на животот на малиот Френсис Вилијам и неговата поврзаност со „Finding Nemo“ ќе ве разнежни.
Кога минијатурното новороденче дошло на овој свет, неговата тежина била само 700 грама. Докторите имале лоши прогнози и проценувале дека шансите за преживување му се 15%.
„Имавме избор – да направиме сè или да не правиме ништо. Сакавме да му дадеме шанса“ – вели мајката Морин во видеото.
Секој ден бил нова борба за животот на Френсис. Во еден од моментите исполнети со неизвесност, медицинска сестра им дала на родителите фломастери за да нацртаат нешто колоритно на белата табла во собата на бебенцето. Сестрата на Морин нацртала неколку ликови од популарниот анимиран филм „Finding Nemo“.
Еден ден, братот на Морин им испратил на исцрпените родители TED говор од Ендру Стентон, креативната сила која стои зад многу хитови на Pixar, како „Finding Nemo“ и „WALL-E“. Крајот на говорот допрел до нивните срца. Во видеото Ендру раскажал дека самиот тој бил роден предвреме и дека сè што постигнал е заради тоа што добил шанса за живот.
„Беше инспиративно да чуеш колку благодарен им беше тој на родителите за тоа што му дадоа шанса“ – признала Морин.
Френсис се борел да преживее цели 118 дена во оддел за интензивна нега. Додека сè уште бил во болничките соби, уште една случка го поврзала со Ендру Стентон. Братот на Морин во авион го сретнал Стентон и му раскажал за предвреме родениот внук. Пред да го напуштат авионот, Стентон напишал порака: „За Френсис Вилијам, Само продолжи да пливаш“ (популарната фраза од „Finding Nemo“).
Малиот Френсис сега одлично напредува и ги радува своите родители.
Видеото за неговото патување стана вирален хит и допре до самиот Стентон, кој на Twitter напиша: „Не можам да престанам да плачам.“
Can't stop crying. "Profoundly moved" is an understatement. #GoFrancishttps://t.co/BdV5PTc90f
— andrew stanton (@andrewstanton) June 20, 2016