Некои мајки без размислување можат да се наречат суперхерои. Таква е Киша Кокс.
Смелата жена и нејзиниот сопруг имаат посвоено две сирачиња, момче и девојче, кои никој не ги сакал зашто што имале Даунов синдром. Покрај нив, тие имаат и 5 биолошки деца, од кои две се идентични близначки, а едното исто така има екстра хромозом.
Киша одлучила да посвои девојче со Даунов синдром од Украина кога видела тажна фотографија од сирачето на интернет и веднаш се поврзала, затоа што веќе имала ќерка на истата возраст, со истото нарушување.
Непосредно по посвојувањето, Кокс забременила со близнаци. Во текот на бременоста, таа дознала дека нејзините бебиња имаат синдром на меѓублизначка трансфузија и дека мора да се подложи на операција за да им го спаси животот. Операцијата била успешна и таа ги износила своите малечки до 37. недела.
По нивното раѓање, таа веќе била мајка на 6 деца и сметала дека нивното семејство е комплетно. Но, судбината имала различен план. Имено, тред три години, Киша видела фотографија од сираче во Украина кое било напуштено од мајка му само затоа што имало Даунов синдром и веднаш одлучила дека тоа заслужува топол дом. Бебето Ноа пристигнало во нивното семејство кога имало 10 месеци.
Денес, семејството Кокс брои 9 члена – мајка, татко и 7 деца кои имаат 16, 14, 11, 11, 6, 6, и 3 години. Киша честопати објавува фотографии на Instagram за да покаже колку е благодарна за неочекуваните чуда во животот, но и за да ја подигне свеста кај луѓето за Дауновиот синдром.
Еве текст, кој ја раскажува нејзината животна приказна и како од мајка на три деца станала мајка на седум деца:
Имав 27 години, бев млада и здрава. Немаше ризик моето дете да има Даунов синдром, па ова не требаше да биде „моја“ приказна, требаше да биде „нечија“ приказна.
Кога се роди мојата трета ќерка со царски рез, добив шанса само накратко да го видам нејзиното слатко кружно лице пред да ја одведат. Моето бебе беше однесено на оддел за неонатална интензивна нега за кислород, а јас ги гледав докторите и сестрите како си шепотат во ходникот. Веста конечно ми беше соопштена... „Мислиме дека твоето бебе има Даунов синдром“.
Чувствував како целиот свет да запрел. Чувствував како времето да запрело додека го гледав сопругот како со шок ги дочека зборовите: „Мислиме дека твоето бебе има Даунов синдром“. Ова мора да е сон, ова не може да ми се случува мене, што значи ова за нашето семејство? Што значи ова за нашето мало девојче?
Мојата прва реакција дојде со силен страв и се молев тие да грешат. На почетокот, само помислував на иднината и на тоа дека светот кој го познавав се рушеше околу мене. Ги поминав првите 24 часа од животот на Бри леејќи солзи, без неа во моите раце. Речиси 24 часа по нејзиното раѓање, конечно можев да одам во нејзината соба за да ја видам повторно. Немав можност да ја подржам по веста дека има Даунов синдром и срцето ми се кршеше. Имав потреба од неа. Кога посегнав по неа во инкубаторот, а таа ги обви нејзините прстиња околу мојот прст, знаев дека сè ќе биде во ред. Тој момент засекогаш ме промени.
Додека го држев нејзиното мало раче, знаев дека таа се има држено за рака со Бог и дека чекорењето покрај неа во овој живот ќе биде вистински благослов, а не товар. Тој ден започна ново поглавје од мојата приказна, која можеше да остане ненапишана, но која АПСОЛУТНО требаше да биде МОЈА приказна. Од самиот почеток знаев дека Бри ќе ми го промени животот со тие бадемови очи и тоа малечко носе кое беше како порта до рајот. Но, она што не го знаев е уште колку многу други животи ќе промени таа.
Кога Бри имаше 2 години, одлучивме да се обидеме за уште едно дете, но поминавме низ ектопична бременост и потоа уште една бременост која заврши со спонтан абортус во 16. недела. Бев уништена по тој абортус. Тоа ми беше трет спонтан абортус, а јас очајно сакав да имам уште едно дете. Срцето ми беше скршено и се чувствував осамено и изгубено.
Потоа ги пронајдов изгубените, тажни очиња на 4-годишно девојче кое чекаше да биде посвоено во сиропиталиште во Украина.
Ова девојче беше само еден месец постаро од Бри и исто како неа, имаше Даунов синдром. Но, наместо во последните 4 години да живее со семејство и во свој дом, таа ги помина првите 3 месеци од животот сама на оддел за интензивна нега, а потоа беше префрлена во сиропиталиште каде живееше 4 и пол години и за малку ќе завршеше во ментална установа. Што ако ова беше судбината на Бри? Чувствував како ново делче од моето срце да се отвори тој ден додека нејзиното лице зјапаше во мене од екранот. Започнав да липам. Беше како нејзините темни тажни очиња да продираат во мојата душа, велејќи: „Ти си моја мајка, дојди и земи ме.“.
По 5 месеци поминати во собирање донации со чудесната помош од нашите пријатели, роднини и непознати лица, средување купови документација, патување илјадници километри со авион и воз, конечно стоевме пред сиропиталиштето и го гушкавме ова мало девојче, кажувајќи му дека никогаш повторно нема да биде само. Мама и тато конечно дојдоа за него. Конечно ќе може да живее наместо само да преживува.
Една недела по враќањето дома со Миа, почувствував гадење и претпоставив дека е од патувањето... но, на наше изненадување, дознавме дека сум бремена. Не само што бев бремена, туку бев бремена со БЛИЗНАЦИ!
Како тоа да не беше доволно тешко за прифаќање, на близнаците им беше дијагностициран синдром на близначка трансфузија, па морав да ја следам внимателно бременоста. На прегледот во 20. недела, откривме дека состојбата е критична и моравме да одлетаме за Калифорнија за да имам ризична операција во утробата.
Кога докторот заврши со процедурата, ми рече: „Честитки, сега сте излекувани... сега треба да чекаме за да видиме дали бебињата ќе преживеат“. Моравме да чекаме 24 часа за да направиме ултразвук за да видиме дали бебињата преживеале. Со сопругот си ги стегавме рацете еден со друг додека докторот ме прегледуваше. „Еве едно срце... и еве го другото“. Тоа беше чудо.
Отпатувавме дома и по пет месеци поминати во кревет, родив две здрави бебиња. Ниту едно од нив не помина ниту една минута во инкубатор. За само 10 месеци, од 3 преминавме на 6 деца, претпоставувајќи дека семејството ни е комплетно. Но, повторно згрешивме.
Во мај 2015 година, една мајка роди мало момче во Украина. По дознавањето дека нејзиниот син има Даунов синдром, докторите ѝ рекоа дека мора да го остави бебето зашто не е нормално. Нејзиниот сопруг ѝ рече дека мора да избере меѓу бебето и меѓу него и нејзиниот 10-годишен син, зашто не може да го одведе бебето дома со нив. Носејќи одлука во агонија, мајката мораше да го остави бебето само во сиропиталиште. Без да има претстава што ќе се случи со нејзиниот син, таа замина.
Сè што можеше да направи беше да се моли, да се моли дека има Господ и дека Тој ја слуша и дека ќе ги слушне нејзините молитви и дека ќе донесе некој кој ќе го спаси нејзиниот син. Се молеше, се молеше секој ден цели 10 месеци... без да знае дека нејзините молитви ќе бидат слушнати.
Јас бев благословена да бидам другата мајка, мајката од другата страна на светот која се поврза со молитвите на една мајка од Киев, Украина. Па, повторно заминавме во Украина да го најдеме братчето. Бебето Ноа.
Тој ден, кога се роди Бри и светот кој го познававме започна да се руши, немавме претстава дека тоа ќе биде почеток на едно неверојатно патување полно со љубов. Поради неа и нејзиниот екстра хромозом, поради нејзиното влијание врз нашиот живот, поради начинот на кој таа сака и нè научи и ние да сакаме, ние патувавме низ светот во непозната земја двапати и ИЗБРАВМЕ Даунов синдром.
Без разлика дали е Даунов синдром, неплодност или нешто друго, сите ние имаме моменти во животот во кои стравот нè надвладува и ја поматува визијата за иднината која некогаш сме ја имале, па ние правиме избор. Ние избравме да живееме од ден за ден и пред да трепнеме, се прашувавме како сме стигнале тука. Како тие темни облаци се претворија во спектакуларно зајдисонце од среќа.
Сега имаме 7 деца. Јас сум сопруга и мајка на 6 принцези и еден принц. Благословена сум со Даунов синдром, посвојување, идентични близначки и многу љубов. Три од нашите седум деца го носат истиот екстра хромозом, но тие се чуда сами по себе, кои остават свој отпечаток во светот додека нè учат што е најважно... ЉУБОВТА.
Пред посвојувањето, не можев ни да ги замислам безбројните слоеви на срцето на мајката, длабочината на љубовта и патиштата кои се преплетуваат за да го состават мајчинството. Бог е во деталите и понекогаш тие детали ти го одземаат здивот. Ние сведочевме како солзите од страв и тага за животот што мислевме дека го губиме се трансформираа во солзи-радосници и благодарност за неочекуваните чуда од ова патување.
Вака изгледа животот на Кокс денес: