Стево Пендаровски не остана рамнодушен на приказната за Ембла Адеми. Македонскиот претседател го посети во Гостивар малото девојче со Даунов синдром, кое беше дискриминирано на училиште и принудувано да држи настава во одделна просторија, подалеку од соучениците.
58-годишниот политичар разговараше со родителите на Ембла за предизвиците со кои се соочуваат на дневна основа, фокусирајќи се на можностите за нивно надминување.
„Прекрасен ден поминат со Ембла во Гостивар. Предрасудите не смеат да бидат посилни од правата на децата. Сите сме подеднакво одговорни за насмевката на Ембла и сите деца со атипичен развој“ – стои во описот на фотографиите објавени на профилот на претседателот Пендаровски.
„Мораме да ја креваме свеста за потребата на овие дечиња. Мене ми е драго што изминатава недела дена македонската јавност беше прилично сензибилизирана, пред сè заради изјавите и активноста на нејзиниот татко. Ете доаѓаме еден вид на дополнителна поддршка да дадеме во таа насока, за да разбереме дека во ова општество сме сите еднакви и дека треба да помагаме навистина сите да се чувствуваме, да бидеме еднакви, не само на хартија да биде тоа. Ние сме рамноправни на хартија, некојпат во животот не е баш така. Луѓето кои имаат посебни потреби се дел од нас и не смееме да ги отфрлиме. Инклузијата е основен принцип кој мораме да го поддржиме во вакви случаи, а не е само овај и не е само во Гостивар, има многу“ – изјави тој.