Пожарот во Кочани однесе 59 животи, но остави и длабоки рани кај младите кои успеаја да се спасат од настанатиот пекол. Во трагичниот инцидент, преживеаните беа сведоци на страшни сцени кои ќе ги носат со себе целиот живот.
Доктор Нико Беќаровски ги пренесува потресните сведоштва на овие млади луѓе кои, и покрај тоа што се спасиле, ќе се соочуваат со трауми кои нема да ги заборават никогаш.

РАНИ НА МЛАДИТЕ НЕДОЛЖНИ ДУШИ
На Универзитетската клиника за токсикологија хоспитализирани се дваесетина млади страдалници од хоророт кој го доживеаја во таканаречениот кабаре бар.
Од една страна среќни што сепак извлекле жива глава, задоволни што поминале со некоја полесна изгореница, сè уште со по некој гареж во нивните гради.
Но секој од нив има своја траорна приказна за ужасот кој го доживеале тие 10-30 минути.
Раскажуваат низ солзи, како преку нив газеле други деца бегајќи од пламените, како изнесувале на своите раце изгорени и јагленисени свои другари, како мирисот на изгорено човечко месо им ги парал ноздрите, како топлината им го горела ждрелото, како чучнати во вецето го чекале судниот момент и уште многу други лични трауми кои ги погодија овие прекрасни млади личности.
Тие раскажуваат, нас солзите сами нѝ навираат.
Ова се дваесетина индивидуални драми, но секој од тие петстотини невини фиданки, има своја приказна, своја лична траума. Драми кои не може да ги креира ниту Холивуд.
Физичките трауми ќе зараснат или ќе остават трајни физички дефекти, но душевните трауми уште долго или доживотно ќе бидат нивен следбеник.
Ноќните кошмари уште долги години ќе бидат нивен несакан ноќен придружник.
ЗОШТО ???
„За туѓи бели дворови,
копај си црни гробови“.