Принцезата Кетрин се соочува со сериозни здравствени проблеми.
42-годишната припадничка на британското кралско семејство преку емотивно видео откри дека ѝ бил дијагностициран рак по операцијата на стомакот која ѝ беше направена во јануари.
Сопругата на принцот Вилијам сподели дека прима хемотерапија како превентивна метода за спречување на ширење на болеста.
„Во јануари, ми беше направена голема операција на стомакот во Лондон и во тоа време се сметаше дека мојата состојба не е канцерогена. Операцијата беше успешна. Сепак, тестовите по операцијата покажаа дека има присуство на рак. Затоа, мојот медицински тим ме советуваше да поминам низ рунда превентивна хемотерапија и сега сум во раните фази на тој третман“ – изјави Кетрин.
Кетрин му се заблагодари на принцот Вилијам за поддршката и замоли за разбирање. „Потребно ни беше време за да им објасниме сè на Џорџ, Шарлот и Луи на начин кој е соодветен за нив и да ги увериме дека сè ќе биде во ред“ – дополни таа.
„Како штом им реков и нив, јас сум добро, станувам посилна секој ден со фокусирање на нештата кои ќе ми помогнат да оздравам, во мојот ум, тело и дух“ – вели Кетрин.
„Во овој момент мислам и на сите оние чии животи се погодени од рак. За сите кои се соочуваат со оваа болест, во која било форма, ве молам не губете верба или надеж. Не сте сами“ - порачува Кетрин, завршувајќи го својот говор.
Во изминативе недели, се ширеа најразлични шпекулации за здравјето на Кетрин, а имаше и обиди за разоткривање на медицински податоци од страна на вработени во клиниката каде се оперираше. Преку најновото видео, кралското семејство уште еднаш побара да им се почитува приватноста во овој турбулентен период со оглед на тоа што се знае дека и кралот Чарлс се лекува од канцер.