Џорџ Буш, Бил Клинтон и Барак Обама се подготвени да се вакцинираат пред камера, бидејќи веруваат дека тоа ќе помогне кај јавноста да се зацврсти ставот дека вакцината против КОВИД-19 е безбедна и ефикасна.
Откако вакцината ќе биде одобрена од Американската агенција за храна и лекови, поранешните претседатели ќе помогнат во кампањата за подигање на свеста кај граѓаните за важноста на вакцината во борбата со коронавирусот.
„Пред неколку недели, претседателот Буш побара од мене да ги известам д-р Фаучи и д-р Брикс дека кога ќе дојде вистинско време, тој сака да направи сè што може да помогне за да ги охрабри сограѓаните да се вакцинираат. Прво вакцината да биде одобрена како безбедна и да ја прими приоритетната популација, а потоа претседателот Буш ќе го чека својот ред и со задоволство ќе ја прими пред камера“ – рекол Фреди Форд, од тимот на Буш.
Претставник на Клинтон потврдил за CNN дека и тој доброволно се пријавува да ја прими вакцината пред очите на јавноста.
Обама искажа целосна доверба во Антони Фаучи, водечкиот специјалист за инфективни заболувања во САД. Во интервју за SiriusXM тој рече: „Целосно им верувам на луѓе како Антони Фаучи, кого го познавам и со кого имам работено. Па, ако Антони Фаучи ми каже дека вакцината е безбедна и дава имунитет за КОВИД, апсолутно ќе ја примам. Ветувам дека кога ќе стане достапна за луѓе кои не се во ризични групи, ќе ја примам. И може тоа да биде на ТВ или снимено, за луѓето да знаат дека верувам во науката.“
Засега само Велика Британија има дадено „зелено светло“ за вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“. Таа е првата земја во светот во која започна да се користи вакцината на американската и германската компанија против новиот коронавирус SARS-CoV-2.