Никола Перевски-Пере денес полни 47 години. Пејачот од групата Нокаут објави длабока порака полна со тага за трагедијата во Кочани и желба да го врати времето пред кобниот 16 март.
„Не ми се пие и пее, не ми се брои години. Децата изгореа во песната, музичарите паднаа на бината. Како ноти што никогаш не добиваат рефрен“ – се дел од неговите зборови.
Прочитајте ја неговата порака во целост:

РОДЕНДЕН
Денес ми е роденден.
Се сеќавам.
Не те славам.
Ова не е објава,
туку белег со неколку реда
што ме болат.
Не ми се пие и пее,
не ми се брои
години.
Децата изгореа во песната,
музичарите паднаа на бината.
Како ноти што никогаш
не добиваат рефрен.
Некои си отидоа
пеејки.
Други со рацете на жиците.
Сцената ги прегрна
мајка како што не пушта и
кога знае дека губи.
Денес ми е роденден.
но нема што да посакувам.
Освен да го вратат времето
или барем
да престане да пече.
Никола Перевски
Ќерката на Пере, Миа, објави порака за да го потсети колку многу е сакан и ценет од сите четири ќерки.
Среќен роденден на нашиот татко.
Како заедница и семејство, изминатите настани ни ги скршија срцата, но нашите души мора да останат силни. Токму поради тоа, никогаш нема да прескокнеме година да не ти кажеме колку си ценет.
Твоите ќерки те сакаат комплетно и ти посакуваат долг и инспиративен живот.
Секогаш покрај тебе - Миа, Каја, Софи и Ирис.
