Вчера се одбележа Меѓународниот ден на ретките болести, а по тој повод беше организиран настан во Скопје од страна на Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со Предизвици“.
На него присуствуваше и нашата Прва дама, Елизабета Ѓоргиевска, која сподели фотографии од настанот заедно со важна порака:
„Пациентите со ретки болести и нивните семејства заслужуваат правичност во однос на здравствените и социјалните услуги. Тоа подразбира да се отстранат бариерите што го спречуваат нивното целосно учество во општеството.“
„Ако навистина се залагаме за социјална правда, еднаквост и хуманост во македонското општество, тогаш токму ретките болести можат да бидат тест за нашата искреност и посветеност“ – порача Првата дама.
На Instagram, сопругата на претседателот Стево Пендаровски, напиша:
„Денот на ретките болести нека биде поттик да продолжиме да им помагаме на лицата со ретки болести, во нивната целосна интеграција во општеството.“
„Човековиот живот нема цена. Ако има надеж дека некој пациент може да се излечи, или неговиот живот да се олесни, државата мора да помогне, независно од цената за таа здравствена услуга.“
Министерот за здравство Беким Сали исто така беше меѓу присутните на настанот, каде истакна дека вложува максимални напори за надминување на предизвиците со кои се соочуваат лицата со ретки болести.
„Остануваме посветени во грижата за лицата со ретки болести и нашата заложба е да бидеме отворени за соработка со Националната алијанса и со здруженијата од оваа област и заеднички работиме и вложуваме во поквалитетен третман на ретките болести“.
„За таа цел, во рамки на Програмата за лекување ретки болести Министерството за здравство обезбедува средства наменети за набавка на потребната терапија, почитувајќи ги највисоките стандарди за квалитет.“
„Министерството за здравство продолжува да вложува максимални напори со цел надминување на предизвиците со кои се соочуваат овие лица, и во контиунитет да ја подобруваме грижата за лицата со ретки болести“ – напишаа од Министерството за здравство.