Од овој петок, 26 јуни, се отвораат сите гранични премини. Патниците ќе можат непречено да се движат без приложување на PCR тест и без задолжителна домашна изолација или спроведување во државен карантин.
Се отвараат и аеродромите во Скопје и Охрид, а започнуваат со работа и теретаните.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски објави дека на денешната седница се одлучи и угостителите да можат да работат и во внатрешноста на објектите преку соодветен протокол за работа.
Прочитајте ја неговата објава во целост:
Врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести, Владата денеска донесе одлука од петок, 26 јуни 2020 годијна, целосно да бидат отворани сите гранични премини за непречено движење на патници и возила без приложување на PCR тестови, и без упатување до домашна изолација или спроведување во задолжителен државен карантин.
Владата денеска донесе Одлука од петок, 26 јуни, да бидат отворени за сообраќај и Меѓународниот аеродром Скопје и на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Согласно овие одлуки Владата денеска донесе одлука да биде укината забраната за организиран превоз, која исто така стартува од 26 јуни.
На денешната седница Владата донесе одлука, исто така од петок, 26 јуни, угостителските објеки да можат да работат и во внатрешноста на објектите преку соодветен протокол за работа.
Од петок, 26 јуни 2020 година, се дозволува и работата на теретаните и вежбалните, а моловите, од истиот датум, ќе можат да работат и во неделите.
За сите овие одлуки до петок, 26 јуни 2020 година, кога започнува нивната важност, ќе бидат подготвени протоколи кои ќе бидат задолжителни за сите економски оператори и институции во чија надлежност се овие одлуки.