По многуте шпекулации околу здравствената состојба на Владимир Блажев - Панчо од ДНК, кој беше меѓу повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, болницата „Аџибадем Систина“ излезе со официјален коментар.

Во информацијата дадена од лекарскиот тим кој е одговорен за неговиот третман, а пренесена од Makfax, се вели:
Пациентот Владимир Блажев од денот на приемот до денес се наоѓа во еднициата за интензивно лекување. На овој оддел се применува највисоко ниво на медицинска грижа. По спроведување на интензивното лекување, она што можеме да кажеме е дека пациентот е стабилен и дека во моментов е надвор од животозагрозувачка состојба. Неговото лекување продолжува во единицата за интензивна нега, во третманот е вклучен мултидисциплинарен тим лекари со цел да овозможат најдобра медицинска грижа.
Длабоко сочувствуваме со семејствата на жртвите и им посакуваме побрзо закрепнување на повредените лица. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ останува отворена за бесплатен третман на сите пациенти што имаат потреба од болничка нега. Нашата цел е заеднички да се избориме со оваа страшна трагедија и да помогнеме онаму каде што е потребно.
Од 16 март до денес во амбулантите на Ургентниот центар на болницата, прегледани се 19 пациенти, а во моментов се хоспитализирани четири пациенти. По стабилизирање на здравствената состојба, дел од пациентите што беа хоспитализирани се пуштени на домашно лекување.
стои во соопштението на болницата