Општествено одговорната кампања на „Макпетрол“ ги проширува активностите и во Општина Петровец. Градоначалникот Борче Митевски и членката на управниот одбор и директорка во компанијата, Марија Јосифовска-Спасовска денес потпишаа меморандум за соработка. Како дел од „Крени глас против врсничко насилство“, учениците во оваа скопска општина ќе учествуваат во работилници преку кои што ќе се запознаат со причините, последиците како и со начините на кои што можат да се справуваат со булингот.
„Не треба да има дилеми дека врсничкото насилство е проблем што остава долгорочни, а понекогаш и трајни последици кај тие што со него ќе се соочат додека се деца или млади. Активностите од нашата кампања дејствуваат во повеќе насоки, меѓутоа, двете што се издвојуваат како најзначајни се потребата отворено да се разговара за булингот и едукацијата што темелно ги обработува различните аспекти на оваа негативна појава. Со јавната комуникација што ја спроведуваме гледаме дека интересот за изнаоѓање решенија на врсничкото насилство се зголемува, а преку работилниците на учениците им овозможуваме детално да се запознаат со начините на кои што булингот може да се препознае, како треба да се постапува кога има такви случаи и што треба да се примени за да се намалат долгорочните ефекти на овој проблем“ - истакнува Јосифовска-Спасовска.
Три општини се приклучија на кампањата изминатиов период - Штип, Бутел и Петровец. Во периодот што измина „Макпетрол“ потпиша меморандуми за соработка и со Центар, Аеродром, Гази Баба, Гевгелија, Демир Капија, Куманово, Карпош, Кисела Вода, како и Ѓорче Петров. Во пет од овие општини веќе се одржаа работилници, а во образовните установи од останатите, истите ќе се одвиваат во следните недели.
За учениците, како и за нивните родители и претставници на стручните служби од училиштата, „Макпетрол“ испечати и едукативни материјали кои што содржат информации за различните аспекти на проблемот со врсничкото насилство. Во текот на работилниците, пак, младите, заедно со нивните наставници и други членови на образовните установи, имаат можност од псисхолог да добијат подробни знаења за формите на булингот, како што се физичкото, вербалното, психичкото, социјалното и сајбер-насилството. Пристапот применет на овие средби потоа може да се употреби и во редовната настава од страна на стручните служби во училиштата.
Вебсајтот kreniglas.mk претставува онлајн-простор каде што се собрани голем број информации, совети и искуства поврзани со булингот. Преку оваа платформа, кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“ на децата, родителите, како и на наставниците им овозможува да дознаат повеќе за појавата која што претставува сериозен општествен проблем. На интернет-страницата има интерактивни тестови преку кои што секој анонимно може да открие дали бил извршител, жртва или набљудувач на случаи со булинг. Исто така, без откривање на идентитетот, на сајтот може да се сподели личната приказна поврзана со овој проблем.
Општиот впечаток во јавноста е дека негативните искуства што се резултат на врсничко насилство децата ги надминуваат со текот на развојот. Од друга страна, изминативе години повеќе научни истражувања потврдуваат дека долгорочните последици од булингот се реални и можат да предизвикаат сериозни психолошки, емоционални и физички потешкотии во иднина. Преку кампањата, освен што остварува еден од своите стратешки приоритети, „Макпетрол“ сака да поттикне отворена дискусија за булингот и на младите, како најзасегнати, да им обезбеди знаења и поддршка.
Комерцијален текст