Здравствената криза предизвикана од коронавирусот ги промени плановите за годинашните Мајски оперски вечери. Од Националната опера и балет известуваат дека десетте продукции (8 оперски и 2 балетски) кои беа предвидени во програмата на Фестивалот ќе бидат прикажувани онлајн.
Љубителите на оперската и балетската уметност ќе можат да уживаат во:
- Операта „Кармен“ (9 мај)
- Балетот „Рајмонда“ (12 мај)
- Операта „Турандот“ (15 мај)
- Операта „Кавалерија Рустикана“ (17 мај)
- Балетот „Балетски бисери“ (19 мај)
- Операта „Фауст“ (22 мај)
- Операта „Лидија од Македонија“ (24 мај)
- Операта „Адријана Лекуврер“ (26 мај)
- Операта „Травијата“ (29 мај)
- Операта „Аида“ (31 мај)
„Мајските оперски вечери се крстопат на цивилизации и култури од целиот свет. Почитувани вљубеници во оперската уметност, колеги уметници, драги соработници, почитувана публико, Ви благодарам што за изминатите 47 години на одржување на Мајските оперски вечери секогаш сте ни давале поддршка, исполнувајќи го нашиот салон со топлина и љубов.“
„За жал пандемијата ги промени сите планови што ги имавме за овогодинешните 48-ми по ред Мајски оперски вечери, но сепак засега ќе ги одбележиме со избор од онлајн престави во текот на целиот месец мај“ – вели директорот на Националната опера и балет, м-р Васо Ристов.
Уметничкиот раководител на операта, м-р Бисера Чадловска, порачува: „Ова е период од годината кога ние, вработените во Националната опера и балет, сме секогаш најпродуктивни и во зенитот на нашата оперска и балетска сезона. За нас, 9 мај е најочекуваниот ден во годината, ден до кој доаѓаме по период исполнет со макотрпна работа, труд но и возбуда поради тоа што не очекува во текот на месец мај. Нам уметниците, оваа година ќе ни недостига чувството на исполнетост, креативен порив и адреналинот кој го чувствуваме додека сме на сцена за време на нашите претстави. Верувам дека сите емотивно го доживуваме овој период и со нетрпение очекуваме да се вратиме на нашите работни места. Сите ние кои се занимаваме со музика знаеме дека ја имаме најубавата работа на светот. И бидејќи постоиме за вас, нашата верна публика, сега од вас ја бараме најголемата поддршка. Во месец мај споделувајте ги линковите од нашите претстави и не нè заборавајте. А на сите вас кои некогаш сте настапиле на Мајските оперски вечери или сте учествувале во некој нашите проекти, ви се заблагодаруваме на поддршката. Ви посакуваме добро здравје и што побрзо сите да се вратите во салонот во Националната опера и балет.“
Вебстрана: www.operabalet.mk
YouTube: www.youtube.com/user/makoib.