Подобро разбирање на проблемот и справување со булингот беше во фокусот на работилниците што „Макпетрол“ ги овозможи во над 150 училишта од сите делови на Македонија. Во секоја од 26 општини што се приклучија на општествено одговорната кампања на компанијата, учениците од психолог стекнаа најразлични знаења за врсничкото насилство. Според неофицијалните проценки, помеѓу 35,000 и 45,000 деца учествуваа во овие едукативни средби. Тие се дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“. Знаењата споделени на овие работилници се наменети и за наставници, педагози и психолози, кои што истите потоа можат да ги применат во секојдневната настава.
„Макпетрол“ годинава потпиша меморандуми за соработка со Крива Паланка, Берово, Свети Николе, Ново Село, Струга, Кавадарци, Валандово, Дојран, Кочани, Охрид, Виница, Битола, Штип, Бутел, Петровец, Илинден и Чучер-Сандево, како и со две основни училишта во Општина Прилеп. Во 2023 година на кампањата се приклучија и Центар, Аеродром, Гази Баба, Гевгелија, Демир Капија, Куманово, Карпош, Кисела Вода, како и Ѓорче Петров. Освен работилници, компанијата за секоја општина испечати и достави едукативни прирачници за булинг кои учениците можат да ги споделат и со своите родители.
Отворениот настан „Со позитивна енергија против врсничкото насилство“ што во мај се одржа во Градскиот Парк во Скопје го заокружи првиот дел од општествено одговорната кампања на компанијата. Организиран од „Макпетрол“, на овој собир настапија Диџеј Боно, Сашко Коцев, „Биби и Боби“, Лозано, Пајак, Жељко Самарџиќ, Весна Петрушевска со децата од нејзината актерска школа, како и други гости. За најмладите беше овозможено да уживаат и во низа интерактивни содржини и популарни игри.
Интернет-страницата kreniglas.mk е носечки сегмент на кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“. Оваа платформа има за цел да пренесе знаења на сите што можат да придонесат во изнаоѓањето пристапи и решенија на проблемот со булингот, а тоа се децата, родителите и наставниците. Освен тоа, жртвите, но и сите кои на каков било начин се соочиле со врсничко насилство, можат анонимно да ја споделат личната приказна. Или, пак, преку интерактивен квиз да откријат какви познавања имаат на темата.
Со активностите од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“, „Макпетрол“ исполнува еден од своите стратешки приоритети - општествената одговорност. Проектите со кои што се обезбедува поддршка на заедницата се дел од работата на компанијата во текот на целото нејзино повеќедецениско постоење. Кампањата „Стоп за булинг“ есенва поинтензивно ќе се прошири, а младите и во иднина ќе бидат значаен дел од општествено одговорните активности на „Макпетрол“.