Почетна » Новости » Актуелно » Забранети се физички поздравувања, на одморите е присутен наставник... Царовска и Филипче ги претставија протоколите за учебната година

Забранети се физички поздравувања, на одморите е присутен наставник... Царовска и Филипче ги претставија протоколите за учебната година

Министерката за образование и наука Мила Царовска и министерот за здравство Венко Филипче денескa на прес-конференција ги соопштија одлуките кои беа донесени на првата седница на новата Влада, а се однесуваат на започнувањето на учебната 2020/2021 година во услови на пандемија.

Министерката Царовска рече дека е убедена дека и покрај пандемијата, со посветена работа и заеднички напори, ќе имаме успешна учебна година којашто ќе почне на први октомври.

Пред на Царовска и Филиче

„Планот на Министерството за образование и наука (МОН) за започнување на учебната година се базира на потребата да се добијат максимални придобивки за учениците, наставниците и вработените во училиштата и пошироката заедница, а воедно да не дојде до ширење на КОВИД-19 во нашата држава, имајќи предвид дека едно од основните човекови права покрај образованието е и правото на здравје“, укажа Царовска.

Министерката објасни дека комбинираниот модел на настава дава можност во училиштата каде не се исполнети условите предвидени со Протоколите за физичко присуство на учениците, да се реализира учење на далечина, за што забрзано се работи на единствена национална онлајн платформа.

Министерката Царовска, нагласи дека во сите училишта кои ќе обезбедат услови за безбедно физичко присуство на учениците наставата ќе може да почне во објектите. „За таа цел, Владата формираше Комисија која ќе ја следи состојбата и ќе дава мислење дали одредено училиште ги исполнува условите“, појасни Царовска.

Децата од прво до трето одделение ќе ја следат наставата со физичко присуство во просториите во училиштето, но дадено е право на избор за следење на наставата на далечина, со писмено изјаснување на родителите.

Министерката рече дека во паралелките во кои има ученици кои следат настава со учење на далечина, наставникот може додека го држи часот да ги вклучи и учениците кои следат настава од далечина, да го сними наставен час и да го испрати на учениците кои следат настава од далечина, да изготви печатени материјали за родителите, но исто така може да одржи час и само за учениците кои следат настава од далечина.

Наставниот час во основните училишта ќе трае 30 минути а во средните училишта 35 минути. Оваа учебна година, водејќи сметка за квалитетот на образовниот процес кој ќе се одвива на далечина, министерката Царовска посочи дека е предвидено проверката на знаењата на учениците да се врши со физичко присуство на учениците во училиштето.

„Со цел обезбедување на инклузивно образование и во услови на КОВИД-19 овозможено е учениците со попреченост во паралелките од прво до трето одделение да бидат вклучени во наставата во училиштата и да им се обезбеди поддршка од страна на наставниците и стручните соработници, Сепак, родителите/старателите на учениците со попреченост, имаат право да одлучат дали нивните деца ќе следат настава со физичко присуство во училиште или ќе следат настава со учење од далечина - од дома“, рече Царовска.

Наставата за учениците од средно образование се реализира со учење на далечина и со физичко присуство во оние училишта кои ги исполнуваат условите согласно протоколите. Царовска ги повика oпштините заедно со директорите на училиштата кои сметаат дека ги исполнуваат условите за настава со физичко присуство тоа да го сторат најдоцна до 10 септември и образложенијата да ги достават до Комисијата која ќе ги разгледа нивните барања и ќе оцени дали ги исполнуваат условите.

Пред на Царовска и Филиче

Министерот за здравство Филипче, се осврна на епидемиолошката состојба која ја оцени како стабилна и ги презентираше протоколите за следење на настава во основно и средно образование со физичко присуство.

Филипче истакна дека препораката која ја даде Комисијата е во контекст на максимална претпазливост и превенција од понатамошно ширење на епидемијата од КОВИД-19.

„Протоколите за основните и средните училишта се речиси идентични, а овие протоколи практично, детално го регулираат престојот и процесот на наставата, влез/излез и движење во училиштето. И во основните и во средните училишта, наставниот процес се одвива во период од 07:00 часот до 20:00 часот. За влез и излез на учениците, училиштето ги става во функција сите влезови во училишната зграда и изготвува распоред за влез/излез со различно време на влегување и излегување на учениците за секое одделение кое го истакнува на видни места во училиштето. На влезот од училиштето, во ходниците и училниците се поставуваат едукативно-информативни материјали, насоки за заштита на здравјето и безбедност во училиштето и средства за дезинфекција на рацете. Училиштата задолжително поставуваат ознаки со кои се означува правец на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на учениците пред и внатре во училиштето“, потенцираше министерот Филипче.

На вработените им се мери телесна температура пред влезот на училиштето со безконтактен топломер и во случај на зголемена температура (над 37°) вработениот се упатува кај матичен лекар.

Министерот Филипче, појасни дека се забрануваат поздравувања со физички контакт за вработените во училиштето и меѓу учениците.

За време на наставата и одморите, со учениците задолжително е присутен класниот раководител/наставник и се грижи за почитување на физичка дистанца меѓу учениците. Наставата во училница се изведува со најмногу до 20 ученици во училница и обезбедено физичко растојание од 1,5 метри.

Министерот Филипче потенцираше дека доколку во училиштето се појави заболен од КОВИД-19 или лице кое имало контакт со лице заболено од КОВИД-19, лицето треба да се изолира во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска/прекривка, а директорот треба да воспостави комуникација со Центарот за јавно здравје за добивање на понатамошни насоки за постапување. За преземените активности училиштето доставува извештај до општината, а општината до Министерството за образование и наука.

„Ако ученик развие симптоми на КОВИД-19 додека е во училиште, наставникот/стручниот соработник го изолира ученикот во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска/прекривка и веднаш ги известува родителите/старателите, кои во најкраток временски период треба да го земат детето со цел консултација и натамошни активности со матичниот лекар на ученикот. Доколку се потврди дека ученик е заболен од КОВИД-19, се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје кој итно треба да направи анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите кои ги имале“, истакна Филипче.

Видео од пресот

Во продолжение е „Протоколот за постапување на основните училишта во Република Северна Македонија за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година“, кој ви го пренесуваме во целост:

  • Наставниот процес во училиштето се одвива во период од 07:00 часот до 20:00 часот.
  • Училиштето за влез и излез на учениците ги става во функција сите влезови на училишната зграда и изготвува распоред за влез/излез со различно време на влегување и излегување на учениците за секое одделение и го истакнува на видни места во училиштето.
  • На влезот од училиштето, во ходниците и училниците се поставуваат едукативно-информативни материјали, насоки за заштита на здравјето и безбедност во училиштето и средства за дезинфекција на раце.
  • Родителите/старателите ги испраќаат учениците до назначениот влез на училиштето и се забранува нивно влегување во училиштето, освен за родителите/старателите/образовните аистенти на учениците со посебни образовни потреби со задолжително носење на маска/прекривка на лицето.
  • На секој влез од училиштето учениците ги пречекува дежурен наставник, кој се грижи ученикот да ги дезинфекцира обувките и рацете, односно му помага на ученикот да ги дезинфекцира рацете со дезинфекционо средство.
  • Вработените во училиштето и учениците за при влегување во училиште и време на престојот во училиште задолжително ја почитуваат мерката за физичка дистанца од најмалку 1,5 метар и носат заштитна маска/покривка на лице, освен кога се на отворено во училишниот двор со одржување на препорачаната дистанца.
  • Вработените при влезот во училиште задолжително ги дезинфекцираат обувките и рацете.
  • На сите вработени им се мери телесна температура пред влезот на училиштето и во случај на зголемена температура (над 37°) вработениот се упатува кај матичен лекар.
  • Родителот/старателот е должен, секој ден пред поаѓање на училиште, да му мери телесна температура на детето, а во случај на покачена телесна температура (над 37°) не смее да го донесат детето во училиште, туку да се јават на телефон на наставникот/одделенскиот раководител на паралелката. Децата со знаци на други заразни болести исто така не смеат да доаѓаат на училиште.
  • Наставата во училница се изведува со најмногу до 20 ученици во училница и обезбедено физичко растојание од 1,5 метри помеѓу учениците и наставникот и учениците.
  • Првиот ден од наставата започнува со упатства за учениците за тоа како правилно и безбедно да се однесуваат, да одржуваат физичко растојание, хигиена на рацете и заштита на сопственото здравје, но и здравјето на останатите ученици и вработените во училиштето.
  • Се забрануваат поздравувања со физички контакт за вработените во училиштето и меѓу учениците.
  • За време на наставата и одморите, со учениците задолжително е присутен класниот раководител/наставник и се грижи за почитување на физичка дистанца меѓу учениците.
  • Меѓусебното споделување информации и работните состаноци во училиштето треба да се изведуваат со употреба на видеоконференциска врска.
  • Површините и предметите кои почесто се изложени на допир од страна на вработените во училиштето и учениците, се дезинфицираат на почетокот и на крајот на секоја смена, а најмалку два пати на ден. Училиштето изготвува листа на сите површини кои треба редовно да бидат чистени.
  • Чистењето на училниците се врши пред почетокот на наставата, за време на одморот кога учениците се во училишниот двор и по завршување на сите училишни активности, со вода и сапун/детергент и со дезинфекциско средство кое делува на вируси според упатство на производителот.
  • Употребата на тоалетите се организира на начин што ќе овозможи присуство на помал број ученици и запазена дистанца (на пример, ако тоалетот е помал, ученикот треба да чека надвор од тоалетот додека излезе ученикот кој е внатре).
  • Тоалетите треба да бидат функционални заради овозможување услови за почесто миење на рацете со проточна вода и сапун и почесто се чистат со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини.
  • Холовите, скалите и останатите заеднички простории се чистат почесто, додека учениците се на настава и по завршувањето на сите училишни активности.
  • Чистењето на фискултурната сала, спортските игралишта и соблекувални и другите помошни простории, се врши веднаш по користењето од страна на секоја група ученици.
  • Училиштата воведуваат систем за еднонасочно движење на учениците низ просториите и ограничување на бројот на лица кои истовремено се присутни во соблекувалните и контролирано излегување и влегување во соблекувалните.
  • Просториите задолжително се проветруваат после секој наставен час, најмалку половина час пред пристигнување и по заминувањето на учениците.
  • За време на наставата во училницата, доколку дозволуваат временските услови, се остава отворен прозорец. Во училницата (доколку ги има) се избегнува употребата на уреди за климатизација и вентилација.
  • Директорот на основното училиште треба да определи лица од вработените кои на одредени места ќе бидат во улога на контролори и вооедно ќе можат да помогнат на оние ученици кои имаат прашања и им е потребна поддршка да ги разберат мерките за нивна заштита.
  • Учениците доаѓаат и одат сами на училиште, во придружба на родител/старател/образовен/личен асистент, со организиран или јавен превоз. Превозниците кои вршат превоз на ученици ги почитуваат и применуваат протоколите за превоз на патници.
  • Пренесувањето на информациите и состаноците со родителите/старателите се одвива преку телефон или преку некоја онлајн апликација која што ќе ја договорат родителите и наставниците.
  • Учениците носат оброк/храна од дома или доколку е можно за организација, оброкот што го обезбедува училиштето треба да биде соодветно спакуван или готов производ, притоа водејки сметка за стандардите и нормативите за исхрана за оваа категорија на деца.
  • Учениците оброкот го консумираат во училницата во која реализираат настава и само тогаш им е дозволено да ја отстранат маската/прекривката од лице во училница.
  • Учениците ги мијат рацете пред и по јадење, пред и по употреба на тоалет, пред и по доаѓање од надвор и кога рацете изгледаат валкани.
  • Користењето на спортската сала, библиотеката и други простории треба да биде од група ученици од иста паралелка, така што да нема можност за мешање на повеќе ученици од различни паралелки (пр. За време на еден наставен час, една паралелка е во фискултурната сала, а две паралелки се надвор во училишниот двор или на спортските терени).
  • Преминувањето низ заедничките простории треба да се организира така што додека учениците и наставниците од една паралелка поминуваат во исто време, учениците и наставниците од другите паралелки го чекаат својот ред, притоа укажувајќи им на учениците да не допираат површини или предмети во просторот каде се движат.
  • Треба да се избегнува влегување на други лица (на пример, за чистење, поправка или внесување храна) во училниците сè додека учениците се наоѓаат во нив, како и влегување во училишната зграда на лица кои не се вработени во училиштето или деца кои не се ученици на тоа училиште.
  • Испораките за потребите на училиштата ја преземаат надлежните, вработени во училиштата од споредниот влез на училиштето (доколку има таков влез училиштето), а главниот влез е дозволен само на сервисерите и другите служби чии услуги се неопходни (пр. спроведување на превентивни и анти-епидемични мерки како што се проверка на вода за потрошувачка, безбедност на храна и др.) со задолжително почитување на мерката за дезинфекција на рацете и доколку е потребно носење заштитна маска/прекривка и заштитници за обувките.
  • Доколку во училиштето се појави заболен од КОВИД-19 или лице кое имало контакт со лице заболено од КОВИД-19, лицето треба да се изолира во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска/прекривка, а директорот треба да воспостави комуникација со Центарот за јавно здравје за добивање на понатамошни насоки за постапување. За преземените активности училиштето доставува извештај до општината, а општината до Министерството за образование и наука.
  • Ако ученик развие симптоми на КОВИД-19 додека е во училиште, наставникот/стручниот соработник го изолира ученикот во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска/прекривка и веднаш ги известува родителите/старателите, кои во најкраток временски период треба да го земат детето со цел консултација и натамошни активности со матичниот лекар на ученикот.
  • Доколку се потврди дека ученик е заболен од КОВИД- 19, се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје кој итно треба да направи анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите кои ги имале.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19740 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.