„Тие ја исполнуваа тишината со музика. Да им возвратиме со грижа и поддршка“ – вака започнува апелот за поддршка на семејствата на членовите на ДНК кои починаа или беа повредени во трагедијата во Кочани.
Асоцијацијата на ивент индустријата (ИВАП) покрена донаторска акција за поддршка на семејствата на Андреј, Панчо, Сара, Ана, Ѓорѓи, Филип, Александар, Игор, Александар, Мартин, Стево, Горан и Виктор.


Оние коишто сакаат да помогнат, можат да го направат тоа на Ecrowd на линкот ТУКА.
Во нивниот апел стои:
Асоцијацијата на ивент индустријата (ИВАП) покренува донаторска акција за поддршка на семејствата на нашите колеги кои ги загубија животите во ужасната трагедија на 16 март во Кочани, како и за оние кои се повредени и сè уште се борат со последиците.
Оваа иницијатива не е само финансиска помош – таа е израз на нашата солидарност, поддршка и заедништво. Нашата индустрија е изградена врз тимска работа, доверба и меѓусебна грижа. Време е да покажеме дека стоиме еден покрај друг, не само во моментите на успех, туку и тогаш кога е најтешко.
Ги повикуваме музичарите, артистите, уметниците, техничките лица, но и сите хумани луѓе – да ни се придружат. Секој, според своите можности, може да направи разлика. Собраните средства ќе бидат распределени подеднакво меѓу семејствата на загинатите и повредените колеги. Ако некогаш сте доживеале момент на магија на концерт, настан или фестивал, знајте – тие стоеја зад таа магија.
Денес, ние стоиме зад нивните најблиски. Сега е моментот да покажеме дека сме заедница што се грижи. Секој придонес, без разлика на износот, значи надеж за нив и нивните семејства. Донирај. Поддржи. Биди дел од оваа иницијатива на солидарност и поддршка.
Собраните средства ќе бидат распределени подеднакво меѓу семејствата на загинатите и повредените колеги. Ако некогаш сте доживеале момент на магија на концерт, настан или фестивал, знајте – тие стоеја зад таа магија.
Од пожарот во „Пулс“ во Кочани успеаја да се спасат само тројца членови од музичката група „ДНК“ - фронтменот Владимир Блажев-Панчо, придружниот вокал Ана Костадиновска и гитаристот Горан Тонев.
