Вчера, македонските граѓани ја избраа првата жена која ќе ја носи титулата „Претседател на државата“.
Три дена пред да наполни 71 година, Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ извојува убедлива победа над Стево Пендаровски во вториот круг од претседателските избори и ќе застане на чело на нашата држава.
Гордана е универзитетски професор и правник, а беше и пратеник во Собранието на Македонија. Родена е на 11 мај 1953 година во Охрид. Правен факултет заврши на Правниот факултет во Скопје, каде што подоцна и магистрира. Во 1994 година, докторира Cum Laude на Правниот факултет во Љубљана.
Силјановска-Давкова беше министерка од 1992 до 1994 година во првата Влада на Македонија, а претходно беше член на Уставната комисија на Собранието. За редовен професор на Правниот факултет во Скопје беше избрана во 2004 година.
„Професорка по Уставно право и пратеничка која вети дека ќе биде субверзивна“ – стои во описот на Facebook профилот на Гордана, која е авторка на повеќе од 200 научни трудови од областа на уставното право.
Откако стана јасно дека е убедлив победник на изборите, Гордана изјави:
„Не ми се случило во текот на кампањата да ги убедувам граѓаните дека сум најдобриот избор за нив, дека сум неповторлива, дека сум најумна. Не, секогаш оставав изборот да го направат тие. Мислам дека вистински избор направија. Има ли поголема промена од таа за првпат во оваа држава жена да стане претседател? Има ли поголема инспирација за умните жени? Нема! Со мене, кога ќе се опкружам со жени слични на мене, субверзивни, свои, стамени, кои умеат да изразат став на свој начин, на поинаков начин од машкиот, да го бранат, тоа е некаков голем исчекор, тоа е за мене реформски чекор“.
Новата Претседателка многупати потенцираше дека времето на жените доаѓа и вети дека ќе се залага да има повеќе жени во политиката. Во нејзината програма стои дека ќе го врати достоинството на Македонија дома и во светот и дека ќе ја направи горда држава на среќни и достоинствени граѓани.
На приватен план, Гордана е сопруга и мајка на две деца. Таа милува да слуша музика и да танцува, особено на рокенрол. Обожава да готви и повеќе од 30 години е вегетаријанец. Вели дека не може да си го замисли животот без двете миленичиња, маче и куче, бидејќи ѝ даваат безусловна љубов.
ФОТО: Гордана Силјановска-Давкова / Facebook