Бојан Миовски вечерва со специјални копачки ќе игра на теренот во Националната арена „Тодор Проески“.
25-годишниот фудбалер во чест на сите починати и повредени во трагедијата во Кочани ќе носи обувки со македонското знаме и иницијалите на неговото семејство изработени од Swithadot StudioS.
„БСМ“ стои на копачките, кои го означуваат неговото име, името на неговата сопруга Сара и на нивното синче Матео, кое се роди минатиот месец.
Миовски го најави овој гест со текст и фотографии на социјалните мрежи:




Секој човек има своја приказна и секој човек има свое животно патување.
Навраќајќи се во моето детство додека ги држев моите први копачки, се сетив дека кажав нешто што длабоко посакував: „Еден ден со цело срце ќе играм за мојата земја“ и еве ме, по многу години, играм за Македонија, мојата земја, бисерот на Балканот.
Овие специјализирани копачки имаат исклучително значење, со свето нешто - моето национално знаме и иницијалите на моето семејство.
На денешниот натпревар за македонската репрезентација, ќе ги носам во чест и сеќавање за сите што ги загубивме на 16.03.2025 година, за сите кои сè уште се борат за своите животи и за сите семејства.
Нека почиваат во вечен мир упокоените души, сите мои молитви за повредените.
Бојан и Сара стапија во брак во септември минатата година. Матео се роди на 28 феврури.


Натпреварот меѓу Македонија и Велс ќе се одигра вечерва со почеток од 20:45 часот.




Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе одлука сите средства собрани од продажбата на билетите за овој натпревар да бидат наменети како финансиска помош за семејствата на настраданите и повредените во трагичниот настан во Кочани.