Камила Валиева денеска не беше беспрекорна на мразот, но беше доволно прецизна за да застане на врвот на листата во кратката програма во уметничко лизгање за жени на ЗОИ.
Младата Русинка имаше нестабилен скок на почетокот, а потоа блесна на мразот и со вкупна оценка од 82,16 изби на првото место.
По завршувањето, 15-годишната девојка, која минува низ исклучително тежок период, не ги задржа солзите.
Видео
Очигледно стресот предизвикан од допинг скандалот силно влијае на талентираната натпреварувачка. Имено, во тек е истрага за да се утврди дали таа или нејзиниот тим ги прекршиле правилата откако тест кој го направила во декември испадна позитивен на забранета супстанција.
Тестот од Стокхолм покажал дека Камила е позитивна на триметазидин, лекарство кое се употребува во случај на срцеви заболувања, а кое според експертите, ја подобрува издржливоста.
Од тимот на амбициозната спортистка велат дека Камила дошла во контакт со триметазидин откако се напила вода од чаша од која претходно пиел нејзиниот дедо, кој го користел лекот за срцева состојба.
Иако официјално ѝ беше дозволено на Камила да продолжи со натпреварувањето, контроверзната одлука да не биде дисквалификувана привлече многу коментари. Истрагата е во тек и токму затоа нема да биде одржана ниту една церемонија за доделување на медали доколку Валиева треба да се искачи на подиумот.
Во кратката програма зад Камила останаа нејзината сонародничка Ана Штербакова (80,20) и Јапонката Сакамото Каори (79,84).
Валиева следно ќе ја видиме во слободната програма на 17 февруари.