Почетна » Новости » Актуелно » Бременост, хормони, плодност... Прв македонски подкаст за теми од гинекологијата и репродуктивната медицина

Бременост, хормони, плодност... Прв македонски подкаст за теми од гинекологијата и репродуктивната медицина

Во дигиталната ера во која живееме, непрекинато сме бомбардирани со најразлични информации и честопати знае да биде проблематично диференцирањето на точните, релевантни податоци од невистинитите тврдења. Кога е во прашање здравјето, а поконкретно репродуктивното здравје, суштински значајно е да сме наоружани со факти и да црпиме совети од експерти.

За да ни ја олеснат мисијата за збогатување на знаењето на теми од областа на гинекологијата, акушерството и репродуктивната медицина, д-р Татјана Гуржанова и Њуборн Клиника креираа едукативен подкаст – „Во добро здравје“.

Во рамките на првиот македонски медицински подкаст, во модерен формат се презентирани најразлични информации на теми како бременост, хормони, плодност и сл. коишто мора да ги знае секое младо лице.

Повеќе за новиот подкаст споделува д-р Татјана Гуржанова, специјалист акушер, гинеколог и IVF специјалист.

д-р Татјана Гуржанова

Која беше идејата за подкастот?

Д-р Гуржанова: Имам долгогодишно искуство со пациенти од областа на гинекологијата, акушерството, а во последните 6-7 години и во областа на репродуктивната медицина и во работата со нив сфатив дека ни фали малку повисока здравствена култура, малку повеќе информирање за тоа што самите можеме да направиме за своето здравје, општо, за репродуктивното здравје и нормално со тоа да си го подобриме и квалитетот на животот.

Бев инспирирана од еден драг пар на пациенти коишто ми сугерираа дека вистинските информации за тоа како изгледа една бременост, што треба да се прави во бременоста, како изгледа развoјот на плодот уште од првата недела па сè до породувањето, дека 80% од корисните информации ги земаат од странски YouTube канали и од странски сајтови и дека на нашето поднебје има многу малку висински информации на некој наш разбирлив јазик.

Едно време предводевме по бројот на малолетнички абортуси. Какви се информациите од Светската здравствена организација и дали нешто се презема во Македонија на таа тема?

„Во подкастите ќе опфатиме од 0 до 100. Значи од зачнување до породување, меѓу кои и постпородилната депресија“
Д-р Гуржанова

Д-р Гуржанова: За жал, имавме тука многу голема борба, мислам дека и заедничка борба за да ја воведеме сексуалната едукација во повисоките одделенија во основното училиште и потоа и во средните училишта. Но сепак тоа остана на една добра волја, сè уште останува како инцидентно поминување на некакви каравани кои вклучуваат и стручни луѓе, гинеколози, кои што поминуваат и вршат некаква си импровизирана обука од сексуална едукација. Многу недостасува тоа. Заради тоа што недостасува на национално ниво, заради тоа што да кажеме државата не го презема тоа за младите луѓе. Тоа беше идејата ние да го преземеме и да направиме ние едукација за тоа како младите да се погрижат за сопственото здравје.

За жал, статистика кај нас не се води како што треба и ние немаме доволно информации до каде сме со малолетничките абортуси. Ние сме на многу ниско ниво и со скринингот на сексуално преносливи болести и скринингот на цервикален карцином.

Во подкастите кои што следат ќе опфатиме од 0 до 100. Значи од зачнување до породување, меѓу кои и постпородилната депресија, која што за жал сè уште е табу тема кај нас. Значи тоа е медицинска кондиција која што никој не ја предизвикува заради тоа што сака да ја предизвика, и заради тоа што сака да живее во таква кондиција, туку тоа е нешто кое што мора да се каже, мора да се детектира и затоа што ако навремено се лекува, едноставно нема да има последици понатаму.

Дали во емисиите ќе биде опфатено физичкото здравје на жените пред забременување, во текот на бременоста и по породувањето, односно како да се хранат здраво за да не дојде до обезност?

Д-р Гуржанова: Апсолутно да. Имам стручни колеги од областа на ендокринологијата и болестите на метаболизмот коишто мислам дека е соодветно да бидат поканети да бидат дел од подкастот, за да можат да дадат вистинска слика за тоа како и што треба да се преземе и во бременоста, и пред забременувањето и после забременувањето за една жена, односно и еден маж, да бидат здрави. И да си помогнат, заради тоа што тоа е начин на којшто луѓето дури до 80% ќе си помогнат на сопственото здравје, само ако направат мали промени во исхраната.

Ќе зборувате ли за тоа каква е психолошка расположба на мажите? Што се случува во нивната глава додека нивните партнерки се бремени?

Д-р Гуржанова: Мора да бидат вклучени и тие и те како се вклучени затоа што еднакво се радуваат на раѓањето на бебето. Таткото ја презема улогата по раѓањето, тогаш доаѓа неговата вистинска улога во одгледување на детето. Детето се одгледува во триаголник, во љубовен триаголник: мајка, татко и дете.

д-р Татјана Гуржанова

Модерно време, нов милениум, жените сè повеќе се решаваат на мајчинство самохрано и без партнер. Забременуваат ли нашите жени без партнер, со помош на сперматозоид?

„Законите кај нас се либерални, дозволуваат жена да се оплоди со семен материјал од банка“
Д-р Гуржанова

Д-р Гуржанова: Да, забременуваат, срамежливо, мала е бројката, но забременуваат. За жал, има еден феномен во нашето општество каде што сè започнува како оној триаголник што го кажав. Можеби некој погрешно ќе ме сфати – татко, мајка и дете – но се соочуваме со еден социјален проблем, а тоа е разводот кој што е доста застапен. Е сега прашањето е, дали е подобро да го роди мајката сама, да знае од почеток дека нема на кого да се наслони, односно дека е сама во целиот тој проект на создавање на живот, или треба да го започне тоа со партнер и понатака без разлика дали тие ќе останат во некаква заедница или ќе се разделат, заедно да го одгледаат и да го воспитаат тоа дете во љубов.

Законите кај нас се либерални. Законите дозволуваат една жена да се оплоди со семен материјал од банка, значи да се купи семен материјал анонимно, без да се знае кој е таткото, односно кој е донорот на семениот материјал.

Дали ви се случува вашите пациенти да ви се пожалат за неуживање во сексуалниот чин или немање на желба за сексуална интимност?

Д-р Гуржанова: Кога доаѓаат на гинеколог, се отвораат и за тој проблем. Понекогаш самите прво го поставуваат прашањето: Да не сум во менопауза? Значи не мора да биде жената во менопауза за да не чувствува никаква желба за сексуални односи. Причината може да биде органска, може да биде психолошка. Кај мажите тоа е многу очигледно и затоа мажите се попогодени и повеќе го доживуваат тоа трагично. Се надевам дека и тука ќе говориме околу тоа, нормално сепак и ние треба да внимаваме да биде тоа во една прифатена форма, дипломатски прифатена форма, но мислам дека заслужува и таа тема да биде опфатена во овие подкасти, затоа што имам искуство со такви пациентки и со некои од нив, не знам што да правам, заради тоа што го надминува моето стручно знаење.

Д-р Гуржанова, се надеваме ќе има многу што да се зборува, ова е само една најава, а она што можеме на крај да посакаме е да останете во добро здравје.

Д-р Гуржанова: Тоа е и главната идеја зад овој проект – да бидеме сите во добро здравје.

Видео

д-р Татјана Гуржанова

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19738 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.