Полумесец со поспани очи и пижамки се спрема за долга ноќ. Во игра е и Касиопеја. Не лажам. На сибирски камшик што фучи како ветер над ничии глави, месецот игра оро. И бунтувањето на шарпланинецот не ме вознемирува. Идилично е сè доловено. И блескотот на ѕвездите, чиниш Божиќ е... Глувото доба сосема се совпаѓа во оваа глетка од мојот прозор. Просто да заспиеш уживајќи. Ама сега нема да спијам. Ќе ви раскажам нешто.
Јас и моите натрупани 23 години најсигурни сме дома. Во куќата на чиј покрив некогаш се водело љубов, лежам и гледам фотографии. Еве една! Што сме сакале да овековечиме со оваа слика ќе ви раскажам другпат. Е оваа слика ја барав. Марија. Како исплашен зајак мојот изморен спомен се враќа назад. Таму сум штрба и среќна. Лесна како пердувче, не разбирам ништо. Лежам пиштол гола на плажата во Лептокарија. Мачкам џем од кајсии (македонски) на грчко лепче, а сонцето ме прже немилосрдно. Пресреќна сум со мама, тато и бато. Тоа за мене беше седмо лето господово. За некои луѓе летниот одмор е уште еден начин како најбрзо да се потрошат парите кои се штеделе цела година. Тие луѓе се мама и тато, а јас и бато летниот одмор.
Кога ме прашуваа што сакам да бидам кога ќе пораснам, јас давав наједноставни одговори: принцеза, божица, убавица на светот, виленик, пеперутка, волшебничка. Така го започнав својот песочен замок, највисоки кули и зандани, волшебни градини и џуџиња. Не ми стигна цел еден ден да го завршам замокот кога веќе утредента ете ти почнав да ја делам кофичката со некоја си Марија. Во град моите се сретнаа со дамнешни пријатели, Марија беше прва на мама и тато. Таа имаше најнеобични црни очи.
Денот беше сончев. Со сонце од боенка (со очи, нос и уста). Го красеа и неколку сиви облачиња кои не изгледаа ама ич страшно. Уживав со најсвежа насмевка во убава песок и друштво со очите на Марија. Едната кула овде, главната врата тука, мостот, крововите и уште малку за капијата која ќе го штити замокот од брановите што го задеваа.
Шлап по голото газе на Марија, шлап по моето, морето не ги штедеше своите раце. Уште малку и замокот ќе беше готов. Недостигаа уште неколку школки за да ги украсиме крововите, да ги разубавиме вратите, и Марија тргна да бара школки какви што досега не сум видела. „Да видиш какви ќе донесам. Ти не знаеш!“
Високи чадори, рогозини, силен ветер, чиниш слушнале школките дека му требаат на еден замок, надвор од нивното секојдневие. Веќе не ја гледам. Тие облаци што претходно не ми се закануваа, паднаа на моето испржено лице и засилуваше ветрот кој дуваше едни две мали црни тркалца. По негова наредба се отвори морето, ја збуни целата флора и фауна, ги присобра несреќните, а тоа моите очи неможеа да го издржат.
Се разбегаа на сите страни татковци и мајки, баби и дечиња. Тие што морето не ги сакаше ги фрлаше на песокта. Сите бевме во невидена паника. Натаму-наваму како муви без глави. Во очите на морето тоа и бевме. Гледам јас ислашено и она што можам да го видам е нашиот замок, најбезбедното место на целиот свет, уништен од стравот на морето поради недостигот на школките на Марија. Еве ја и неа. Кралица на својот замок, а за морето уште еден безживотен труп на плажата. Не беше донела школки...
После тоа ништо не беше лесно. Се затворија нечии животи во преостанатите зандани, а за некои, тоа што преостануваше беше живот без сонце и море. За нас тоа беше голема загуба.
Што се случи понатаму? Едни продолжија со летните одмори на реки и езера, други останаа на море, а трети пак, никогаш не заминаа на уште еден летен одмор. Тие луѓе бевме ние.
А јас честопати навечер ѝ се радував на месечината кога ја гледав Марија како ми мавта од една од највисоките кули на замокот. Некогаш и не беше сама. Некогаш и неможев да заспијам завидувајќи ѝ на многуте школки околу неа. И за две-три години се изгради цело едно царство, каде Марија беше принцеза, а јас љубоморна ноќна стража. Така дежурев цели четири години во замокот на моите соништа, кога одеднаш пораснав, а тој остана толку мал. Дури не се изгуби во длабокото море јас не престанав да ги гледам тие накитени раце како ми мавтаат.
Денес можам сама да го започнам својот замок. Сосем сама. И вака ќе почнам. Се будам после долгава приказна насмеана, и страшно ми е жал ако ве растажив. Но, и вие знаете, во животот на никој не му е мед и млеко. Марија дојде и замина во легенда. Јас сè уште сум жива и ѝ се чудам на волшебната игра на сенки на алиштата што висат. Совршено си се разбирам.
Автор: Јустинијана Орлеана
Јустинијана или Јустиција Орлеана е 30-годишна девојка – жена која непоправливо се бунтува за правда, предрасуди, права и правила, залудно. Зборува наопачки. Течно. Верува во љубов и здрава свест, го обожава убавиот збор и вечно ќе шкртка и претвора магични мигови во поезија. Голем алтруист е, ужива во митолошките приказни, а малите човечиња ѝ го прават животот магичен.