Почетна

Жена некаде. Жена секаде

Драги мои храбри жени на денешнинава...

Кабул, Авганистан, 16 ноември, 1999г – Илјадници луѓе се собраа да го гледаат првото јавно погубување на стадионот Гази. Ова ќе биде прво погубување од таков вид после талибанскиот режим. Жената се вика Зармина и има седум деца. Додека нејзиниот насилен маж спиел, таа го претепала до смрт со чекан. За да се обвини една жена, сведок може да биде само еден маж, а за да се обвини маж, треба да има две жени сведоци. Зармина одеше многу бавно, со пауза после секој чекор. Носеше светлосина бурка. Две жени полицајки ѝ ги држеа рацете. Клекна на колена, но одеднаш стана и почна да бега, но беше набргу вратена. Талибански војник одблизу пукаше немилосрдно. Во главата. Пред да биде погубена, беше под континуирана тортура цели 3 години. Навистина, убиецот беше ќерка ѝ, која само ја штитеше мајка си од агресивниот татко. Зармина само ја спаси ќерка си.

Не, нема да зборувам за религија... Ќе ви зборувам за нешто многу поважно. Жената. И среќата.

Мислев оваа мошне интересна и запоставена тема ќе ни дојде како чашка ракија и ќе нè бутне од столче.

Јас сум голема феминистка, зборот знае да звучи страшно, ама и обожавам кога мажот и жената во една заедница се ЕДНАКВИ, баш во сè! Сите ја знаеме приказната за како Господ ја создал жената од реброто на мажот и бла бла бла. И ете ти, уште од самиот почеток жената во очите на мажот е потчинета. Арно ама јас верувам во онаа другана приказна. Од мајмуни сме си се створиле ама баш сите! Сега, некој помалку еволуирал, некој повеќе. Штета!

We Can Do It

Денес сакам убаво да размислите за ова што ќе ви го кажам. Сакам да размислите за среќата. За тоа што ве прави ВАС задоволни, мирни, исполнети. Јас ќе ви кажам што мене ме прави среќна. Само, не плашете се од чувството на среќа, ве молам. Поради тоа што е чувство кое ретко се доживува, знае и да нè исплаши. Значи што мене ме прави среќна. Тие мали ситни секојдневни детали, тоа чувство после добар сон, нов ден, сончев ден, тоа кога ме сакаат мама и тато, тоа кога пијам кафе, турско, така убаво, лежерно, смирено во некој хедонизам и мала, реална, магична прошетка низ природата. Тоа кога сум слободна како птица и дејствувам насекаде.

Ќе ви кажам зошто треба да бидете среќни. Затоа што имате избор, здрави сте, немате хипотиреоза, енергични сте, живи и го држите светот на дланка, и со секој свој чекор, на било кој начин ги менувате заговорите на универзумот. Многу се гордеам што сум Европејка, и многу сум среќна што сум на мама и тато, и они што се мои, и најважно од сè е, иако зилион пати кажано, да знаете да го цените тоа што го имате.

Сум читала многу за Жените на Арабија, и не можам да се изначудам. Некои жени се лишени од сексуално задоволство уште од мали нозе, без нивна согласност. Некои уште немаат право на глас, некои немаат дозвола да управуваат со возило. Женското тело мора да се покрие ама сосем целото, а очите ако се провокативни, следува казна. И не за друго , туку за да се спречи заведување од каков било вид, бидејќи машката издржливост не е висока, туку е потценета, па мора да се спречи, пред да се лечи. А како би ви било да ви се закануваат со писма и телефонски повици дека мора да ја напуштите работата? Не смеете да работите поради тоа што сте жена. Во спротивно, ќе ви го одземат животот. 22-годишната Хосаи од Авганистан, која не се исплаши од заканите, беше убиена надвор од зградата каде што работела. На девојките кои носат лак за нокти им се отсечувани прстите. Стапката на обесчестување на мали девојчиња, на сопствените ќерки или сестри на Блискиот Исток се зголемува со секој нареден ден. Како е тоа возможно драги луѓе? Па луѓе ли сме сите? Каде е човечноста и до кој степен може човечкиот ум да еволуира во таква свирепост? Што се случило на патот на оваа единствена еволуција? Каде сме згрешиле? Зошто толкава омраза спрема најнежното интелигентно суштество на земјава? Како сме го заслужиле ова?

Значи „фала“ му на Бога, Исус, Алах, Буда, Брама, Зевс, Атина, Афродита и уште безброј бесмртни богови и богињи за достигнатите полемики и ако може да кажам ужасни вистини и настанатите бркотници и збрканици за битието, за како да се биде, и како да се умре. Не! Туку фала му на бога за едукативниот систем, за развиената свест, за здравиот ум, за тоа што нè учеле старите, за сè што знаеме и допрва ќе дознаваме.

Запрашајте се каков статус уживаат жените кај нас во Македонија или воопшто на Балканот? Дали вие мислите дека жената што седи до вас во меѓуградски ја чека романтична вечера, спремна со свеќи и музика, и единствено што треба да направи кога ќе влезе дома е да седне на столчето покриено со листови од рози? Од другата страна на масата вечно заљубени очи не спуштаат поглед и насмевка голема колку масата. Е колку би било убаво, што ќе кажете? Убаво може да увидите дека сè не се сведува на имаштија или немаштија и нормално образование. Книги можете да читате колку сакате, само да не се погрешните. Не, не. Сепак ќе речам, не е до религијата, туку до културата. Како ќе ви биде ако утре ви кажат, никогаш повеќе да не сте отишле во кафуле со другарка, тоа не е според законот и не ви доликува. Не смеете да одите во црква и да се молите, тоа е машка работа. А за кај машки кројач, да не зборувам. Како би ви било? Само замислете.

Знак

Овој знак е поставен во теретана во Мериот Хотел во Џеда, Саудиска Арабија. Минимална е социјалната интеракција помеѓу мажи и жени. Замислете забранет пристап на жени во Универзална Сала. Според нивниот закон, мора да се има посебен влез за мажи и жени за сите настани, освен за свадби и погреби. Присуството на жени на места и настани каде што има мажи е неприфатливо и казниво. Сите социјални и културни збиднувања се поделени со одредени саати на присуство. Жените тогаш, мажите тогаш. Не дај Боже во ресторан да седнат маж и жена. А и условите каде што има жени се полоши. Значи не можеш да си келнерка, а и не можеш да јадеш во ресторан ако си без легалниот маж, или фамилија, затоа што за да јадеш ќе треба да го отстраниш велот. Аууууу! А да, пак ќе го потенцирам ова. Мажот може да има до 4 жени, ама жената не смее ни да ужива во водењето љубов.

Значи колкава е планетава, и може да живееме толку блиску, а разликите меѓу луѓето да бидат космички различни. Но, и покрај сè, знаеме и се надеваме дека на некој чуден, мистериозен начин човекот може да бликне со добрина. Може само денот да се погодил, може ќе да е до хормоните. Како и да е, само тоа ќе не спаси. Една чиста, невина, едноставна добрина, и насмевка, може и пола без заби, за секој да се почувствува мирно, храбро, достоинствено. Само тоа ни треба. И после гледам совршена иднина, каде под тој ист кров кој до пред малку се нишаше од гнев, кавги и тепачки, каде вибрираше масата во кујната од безволно направен ручек, каде постои страв од камшикување или шлаканица, каде со згрчено срце живееш и слугуваш во сопствениот дом, таму веќе гледам насмевки и исполнети очи, еден живот кој се живее толку едноставно, а толку вистински магично. Само, тоа и ни треба – свесност и барем мала добрина. Тоа е едно човечко срце и мора да биде скротено, сакано, милувано. Како инаку ќе успееме да извлечеме букет цвеќе. Нели?

Имам толку многу работи да си изнакажам, не можев сосема да ја завршам приказнава. Сега ќе морам да се зафатам со една многу важна работа. Ќе ги пружам гаќите на баба ми. 12, бели, идентични и бајаги големки. Да ми е жива и здрава!

Автор: Јустинијана Орлеана
Јустинијана или Јустиција Орлеана е 30-годишна девојка – жена која непоправливо се бунтува за правда, предрасуди, права и правила, залудно. Зборува наопачки. Течно. Верува во љубов и здрава свест, го обожава убавиот збор и вечно ќе шкртка и претвора магични мигови во поезија. Голем алтруист е, ужива во митолошките приказни, а малите човечиња ѝ го прават животот магичен.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20785 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.