Минатата година ја поминав Македонија „уздуж и попреку“, но никаде не забележав толку кучешки измет како во Центар во Скопје. Шампиони сме во споменици и кучешки „бомби“ на метар квадратен. Единственото детско игралиште во реонот, стационирано зад Универзална сала веднаш до кафеаната „Боеми“, е преполно со фекалии.
Пред некој ден си тераме муабет со една мајка, дувна малку ветре и одеднаш почувствувавме некаква реа, се вртиме лево-десно, кога до нас цел куп тазе „тортици“, најверојатно се испразнил некој ротвајлер или некој голем пес, оти таков куп, ретко се гледа. Евентуално изметов да беше на хомо сапиенс, ако го фатило зорт, па немал каде. Искрено не ми менува многу. Често кога ќе го преминеме тревникот до кафеаната „Боеми“, ако може да се нарече тревник, или јавно ве-це за кучиња, обавезно нагазуваме по некоја бомба, па често знаеме и да се пошегуваме.
Еднаш моите деца изгубија играчка, бидејќи беше темно, под лизгалката не можев да видам што допирам, па со рацете извлеков еден здрвен примерок. Јас згрозена мафтам со рацете, а децава се утепаа од смеење, а потоа на сите им раскажуваа за случката, небаре трофеј сум фатила. Друг пат седам јас на клупа, на истово игралиште, заради тоа што често „кмичам“ тука, но не заради тоа што сум љубител на кучешки измет, туку заради тоа што моите деца го сакаат ова игралиште, седам јас и се досадувам, времето споро минува, а јас студиозно ги набљудувам минувачите. Поминува една девојка, убаво стокмена со високи потпетици, гордо исправена чекори по патеката, мрдајќи замашно со колковите фрц, фрц, фрц... Си реков: „Браво, што убаво се средила, алал да ѝ е!“ Само што го помислив ова, откако женава ме измина слушнав само: „А у пи**у мајчину“. Потстанав да ѕирнам што се случи, кога моите клинци почнаа да се кикотат „бомба, бомба!“ Бидејќи имаше и други луѓе на игралиштето, на жената ѝ беше незгодно, а моите деца се мали, па не разбираат дека некој може да се навреди, ѝ понудив влажни марамчиња да го отстрани изметот, а таа почна да мрмори... Сирота, знам дека не ѝ беше право, но тоа е, што да се прави. Само еднаш забележав совесна граѓанка како го отстранува изметот, што го направи нејзиниот пес.
Често поминувам низ Дебар маало, на улицата кај што се наоѓа слаткарницата „Апче“ кон касарната и таму е минско поле, па кога ќе заврне дожд, па кога ќе почне да испарува, само гас-маска те спасува. Скоро бев во паркот во Струмица, не сум видела почисто нешто, пикавец со лупа да бараш, нема да најдеш. Зарем Струмичани се посовесни од нас или имаат помалку миленици по глава на жител. Не сакам да бидам погрешно разбрана, јас сум љубител на животни, особено на кучиња. Ништо не ги чини сопствениците на овие миленици да го исчистат изметот.
Пред некој ден бев на Водно, на моето помало дете му се одеше по голема нужда, му ставив кеса под задникот, завршивме работа и ја фрливме во корпа. И не гледам дека ми падна срам.
Луѓе!!! Од нас зависи дали нашето опкружување ќе биде чисто или валкано, доволно е само да го исчистиш својот смет.
Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.