Влегуваш во продавница, луѓе се грабаат за производи, си ги оттргнуваат од раце едни на други, вербално се препукуваат, а некогаш може да се случи и невербално... мислиш дека луѓето се спремаат за некаков потоп кој ќе го преживеат само оние со најмногу гардероба или други производи... кога сфаќаш дека се работи за некој невообичаено голем попуст!
Ако некој мисли дека претерувам со описот, нека се сети на попустите кога се отвори Сити мол. Се сеќавате ли какви редови имаше, и како луѓето се разграбуваа банани и тоалетна хартија по невидено ниски цени? Да се потсетиме и на шопинг викендот во Сити мол кога имаше навистина големи попусти и работеа до полноќ, а еве сега истата случка и во Рамстор, гараж сејл со рекордни 85% намаление. И да не го заборавиме попустот којшто привлече најголемо внимание, па дури дојде и до физички пресметки – кога се отвораше нова продавница на Нептун, па имаше 50% намалување за техничката роба, нешто што претходно се немаше случено во Македонија.
Многу е чудно психолошкото влијание на попустот врз нас, луѓето, особено жените. Колку само бедно изгледаме кога се грабаме за производите на попуст како прв пат да гледаме таков производ, или како да ни е од животно значење. Небаре ако не го купиме посакуваниот предмет, утре сонцето нема да изгрее. А се работи само за предмет.
Многу често на попуст го купуваме и тоа што ни треба и тоа што не ни треба. Попустот е сега, парчето облека сега го имаме во рака, за еден час можеби и ќе го снема, а ако треба да го купиме по редовна цена, ќе треба да платиме многу повеќе. Па додека размислуваме дали тој фустан ни треба или не, или пак дали таа блуза ќе има со што да ја комбинираме, подобро да го купиме парчето гардероба, па потоа ќе му ја мислиме. И така, кога има попусти најчесто завршуваме со многу полесен паричник отколку што сме планирале.
Веќе почнавме да уживаме во придобивките коишто се раѓаат како плод на конкуренцијата, па поголемите попусти и не е нешто што го има само во другите земји. Но сепак се случуваат ретко и најверојатно тоа е една од причините поради кои се создаваат огромни гужви.
Друга причина за големите гужви е тоа што во Македонија и храната и облеката се скапи, во споредба со многу други земји. Можеби земјоделските производи се достапни и многу повкусни од многу други земји, но останатите производи, потребни за поминување на месецот во едно домаќинство, се исти или поскапи од многу поразвиени земји, во кои платите се значително повисоки од нашите. Облеката е друга болка – не само што изборот е навистина ограничен, туку најчесто за она што го има плаќаме многу повеќе од многу земји со повисок стандард. А сакаме убаво да се облекуваме, и за волја на вистината знаеме да се облечеме многу поубаво од многу западноевропски земји во кои луѓето можат да си дозволат многу повеќе.
Народот е желен да купува поевтино, едноставно затоа што редовните цени на многу продукти се недостапни за голем број граѓани. Инаку зошто би чекале ред за тоалетна хартија или банани, доколку не им претставува проблем да ги купат по редовна цена?
Има и уште еден убав момент во купувањето на попуст – се чувствуваш некако подобро кога за одреден продукт си платил помалку. Чувството дека си направил заштеда е прекрасно, без разлика што најверојатно заштедата уште веднаш ќе ја инвестираш во истата продавница!
Посакувам да имаме уште повеќе и уште поголеми попусти – такви какви што порано можеа да се видат само во странство!
Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.