Почетна » Диети и фитнес » Слабеење » Како успешно да ја завршите диетата?

Како успешно да ја завршите диетата?

Дали ви се случило да започнете диета и да се откажете на вториот или третиот ден? Дали и вие сте дел од многуте кои започнуваат со диета секој 1-ви во месецот или секој понеделник и никако не успеваат да стигнат до крајот? Ако вашиот одговор е да, подолу се дадени неколку совети кои треба да ги прифатите, за да можете успешно да се придржувате кон диетата која сте ја избрале и на крајот навистина да се гордеете се постигнатите резултати.

ДиетаАко диетата не одговара на вашиот стил на живот, тогаш шансите дека ќе ја завршите успешно се минимални.

Изберете си соодветна диета

Некои избираат дадена диета само поради тоа што таа ветува најдрастично слабеење, некои пак по препорака од пријателка. Но, тоа е погрешен начин. Изборот на диета е најважниот чекор, затоа што ако таа не одговара на вашиот стил на живот, тогаш шансите дека ќе ја завршите успешно се минимални.

Не можете да практикувате диета која бара постојано мерење на порциите и приготвување на различна храна 5-6 пати дневно ако сте зафатена личност. Не можете да изберете диета која е базирана на овошни плодови ако не сте обожавател на овошје. Доколку се насочите кон некоја таква диета, ризикувате да останете цел ден гладни, затоа што нема да можете да го почитувате планот. Во таков случај, гладот ќе го трпите 2-3 дена и следува откажувањето.

За да не ви се случи тоа, потребно е да си изберете соодветна диета. Ако сте доволно посветени, можете и самите да си ја направите. Бидете практични. Обожавателите на зеленчук и овошје можат да си изберат диета базирана на консумација на сурова храна, обожавателите на месо – диета како Аткинсовата, обожавателите на слатко – диета која дозволува повремено честење со чоколадо. Така ќе имате можност секојдневно да консумирате од храната што ја обожавате и нема да чувствувате дека нешто ви недостига.

Запишувајте што јадете

Доколку ви е тешко да оставете верни на диетата, започнете да си водите дневник за консумираната храна. На почетокот можеби ќе ви звучи смешно и непрактично, но токму тој дневник ќе ви покаже зошто диетата не ви успева.

Записите ќе ви помогнат да установите во кои ситуации сте склони да ги прекршите правилата на диетата. Дали друштвото на одредени пријатели ве поттикнува да скршнете од „правиот пат“ или пак секогаш јадете чоколадо попладне.

Ако не сакате да водите детален дневник, можете само да ги одбележувате деновите кога не сте се придржувале кон диетата.

Не бидете премногу строги кон себе

Не очекувајте дека можете да издржите без ниту една чашка алкохол 3 месеци или пак без ниту една коцка чоколадо еден месец. Долготрајните диети се и најдобрите, но за нив е потребна силна волја. Едно е пет дена да си го скратите задоволството од чоколадо, а сосема друго е ако тој период е подолг. Само една роденденска прослава е доволна да ви ги помеша плановите.

Но, консумирањето на една чаша алкохол не треба да ви биде изговор и да си кажете „еве, ја прекршив диетата, крај со неа“. Ако се најдете во ситуација да ја прекршите диетата, не бидете строги кон себе и не се обвинувајте. Една грешка не е фатална. Наредниот ден продолжете со практикувањето на диетата.

Бидете креативни

Секој ден најдете начин да уживате во храната. Правете комбинации со зеленчук, овошје и зачини кои никогаш не би ги пробале. Диетата има и позитивна страна – ќе создадете свои нестандардни рецепти.

Секогаш јадете само кога сте седнати на маса без нешто да ви го одзема вниманието, а не додека работите на компјутер или пак гледате телевизија.

Декорирајте ја убаво чинијата. Така ќе го излажете мозокот дека јадете некаков специјалитет, а вашите сетила ќе бидат задоволени. Аранжирајте ја храната, внесете храна во различни бои или пак понекогаш експериментирајте да создадете јадење од храна во една боја. Сето тоа ќе ви помогне да се забавувате и да не чувствувате дека сте на диета.

Создајте си услови и побарајте поддршка

Тешко дека ќе се насочите кон јаболкото, ако пред вас има пакетче чипси или пак дека ќе изберете да пиете вода, ако пред вас стои омилениот газиран пијалок.

Важен чекор во држењето на диета е создавањето на услови. Расчистете го домот од штетната мрсна храна, од „течните“ калории, од грицките кои содржат многу калории, а вие не забележувате дека ги внесувате. Така ќе му направите услуга и на вашето семејство.

Поддршката е клучен фактор за успешноста на диетата. Ако ја имате, без разлика дали е од партнерот, колешките на работа или најблиските пријателки, полесно ќе ги поминете моментите на криза. Кога тие ќе знаат дека сте на диета, нема да ве искушуваат со покани за посета на слаткарница или пак да ви нудат под нос храна која што ви е забранета.

Користете мали трикови

Следните мали трикови можат да ви помогнат успешно да го следите планот за диетата:

  • Јадете во светла просторија. Докажано е дека луѓето кои јадат на придушена светлина, консумираат повеќе храна, отколку оние кои јадат на светло.
  • Изберете си помала чинија. Храната која ви е на менито ставете ја во помала чинија и ќе изгледа како да е во поголемо количество. Така ќе си создадете претстава дека сте излезе многу и ќе бидете позадоволни.
  • Разводнете го алкохолот. Ако сте во ситуација кога не можете да се делите од друштвото и треба да се напиете барем една чаша алкохол за наздравување, изберете бело вино и „разводнете“ го со газирана минерална вода. Така ќе скратите половина од калориите.
  • Џвакајте бавно. Џвакајте бавно и уживајте во вкусот на храната со секој залак. Бавното хранење ќе направи да се чувствувате позадоволни и сити од помалку храна и на тој начин мозокот ќе има доволно време да добие информација кога сте најадени.
  • Користете гума за џвакање додека готвите. Ако во устата имате гума за џвакање, ќе го намалите постојаното пробување на храната и со тоа ќе го спречите внесувањето на дополнителни калории.
  • Мијте ги забите веднаш по секој оброк. Така ем ќе добиете здрави заби, ем ќе ви биде полесно да му одолеете на искушението да се вратите повторно кон храната.

Кога сте на диета, запомнете дека нема подобри сојузници од волјата и мотивацијата. Не дозволувајте да ги изгубите нив, затоа што во таков случај ниту еден трик или совет нема да ве врати на патот кон слабеењето.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20790 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.