Почетна » Семејство » Дете » Како да му помогнете на вашето дете да го преброди стравот?

Како да му помогнете на вашето дете да го преброди стравот?

Светот може да биде страшно место кога си дете. Стравот и вознемиреноста кај децата се нормални, а во одредена мера стравот е и здрав, затоа што кога детето се плаши, ќе биде попретпазливо. На пример, ако детето се плаши од прометна улица, помала е веројатноста дека ќе истрча пред автомобил.

Скоро секое дете се плаши од нешто во одреден период од животот. Најчесто стравот се појавува на возраст од 3 до 6 години, во периодот кога се подобрува способноста на детето да размислува за работите кои го плашат и да ги помни.

Без разлика дали детето се плаши од реални нешта, како грмење, кучиња, инјекција, темнина, или пак од измислени, како чудовишта под креветот или Баба Рога, секој родител треба да биде подготвен да му помогне на своето дете да го победи стравот.

Девојче што се плашиСекој родител треба да биде подготвен да му помогне на своето дете да го победи стравот

Советите дадени подолу може да ви помогнат, но не очекувајте вашето дете да го надмине стравот преку ноќ. Може да бидат потребни неколку месеци, а некогаш дури и неколку години за едно дете да престане да се плаши.

  1. Сфатете го стравот сериозно. Дури и да сметате дека стравот на вашето дете е смешен и бесмислен, разберете дека за него стравот е реален. Никогаш не го исмевајте („Не биди смешен, тоа е само куче, нема зошто да се плашиш“) и никогаш не го користете стравот за да го плашите во одредени ситуации („Ако не јадеш, ќе ја викнам Баба Рога“). Пристапете му на проблемот со сериозност за заедно со вашето дете да го надминете она што го плаши.
  2. Разговарајте за стравот. Прашувајте го детето зошто се плаши. Комуницирајте на оваа тема преку игра. На пример, доколку се плаши од доктори, започнете да играте игра „доктор-пациент“. Разговарајте со вашето дете додека црта, затоа што така тоа ќе биде поотворено за разговор. Научете го дека чувството на страв е нормално и дека нема потреба од паника. Понекогаш само разговорот е доволен за детето да се ослободи од стравот.
  3. Помогнете му да научи повеќе за работите кои го плашат. Дајте му повеќе информации за неговиот страв. Ако се плаши од кучиња, започнете да читате интересни сликовници во кои има фотографии од кучиња. Објаснете му дека кога ќе се изгасне светлото, собата останува онаква каква што била претходно и дека ништо не се менува. Бидете трпеливи и секогаш одговарајте на неговите прашања.
  4. Не избегнувајте да го соочите со стравот, но не го тоа правете сосила. Ниту едно дете не треба да се принудува да се најде очи в очи со она што го плаши. Не го туркајте поблиску до куче ако му е страв. Не му го гаснете намерно светлото кога знаете дека е исплашено само за да му докажете дека ништо нема да му се случи.
  5. Припремете го за работите кои очекувате дека ќе го исплашат. За децата, неизвесноста и непознатото се многу страшни. Кога детето знае што го очекува, неговиот страв значително ќе се намали. Ако се плаши од грмење, а вие гледате дека наскоро ќе загрми, припремете го за страшниот звук. Давајте му позитивни објаснувања, на пример: „Грми за да врне повеќе за да можат цвеќињата да растат“. Доколку вашето дете се плаши од заболекар, објаснете му што сè ќе се случува кога тоа ќе седне на стоматолошкиот стол. Уверете го дека по посетата на стоматолог, ќе одите во паркот да поиграте. Така тоа ќе знае дека секогаш по страшната посета на стоматолог, ќе има можност да се забавува. Па, со тек на време одењето на забар и нема да му звучи толку страшно, затоа што ќе го поврзува со забавното играње во паркот.
  6. Не ги „бркајте“ неговите нереални стравови. Некои родители користат тактики како магичен спреј за бркање на чудовиштата под креветот („Еве испрскав со магичниот спреј и чудовиштата исчезнаа“) или магичен збор што ја брка Баба Рога („Кога ќе кажеш иш, Баба Рога ќе си замине“). Експертите тврдат дека тоа е погрешно, затоа што на таков начин родителот всушност му кажува на детето дека има чудовишта под креветот или дека Баба Рога постои.
  7. Останете смирени и никогаш не се фрустрирајте. Кога вашето дете ќе види дека вие сте смирени во ситуацијата која го плаши него, ќе започне да верува дека нема зошто да се плаши. Во никој случај не му пристапувајте со зборовите: „Ми се смачи да те слушам како плачеш за ништо“. Можеби работите кои го плашат се измислени и нереални, но неговиот страв е многу реален.
  8. Никогаш не ги покажувајте вашите стравови. Децата учат од своите родители. Ако вие испаничите кога ќе здогледате пајак, голема е веројатноста и вашето дете да започне да се плаши од пајаци.

Не се загрижувајте ако вашето дете се плаши. Сите сме се плашеле од нешто во одреден период од животот. Но, ако неговиот страв е толку голем што тоа не може да ги извршува нормалните дневни активности, консултирајте се со специјалист.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20818 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.