Почетна » Семејство » Дете » Врската мајка-ќерка

Врската мајка-ќерка

Најблиската врска во секое семејство е врската мајка-ќерка. Таа е слатко-горчлива врска, која поминува низ многу успеси и падови во текот на развивањето и може да се спореди со возење на ролеркостер.

Ако никогаш не ве мразело вашето дете, тогаш никогаш не сте биле родител.

Бет Дејвис

Возењето започнува многу рано. Секое девојче уште на 5-годишна возраст ја смета својата мајка за идол, за божица. Сака да ги облекува нејзините алишта, да го користи нејзиниот кармин или парфем, да ги имитира нејзините движења. На млада возраст девојчињата учат дека најдоброто место да пронајдат љубов и помош е нивната мајка.

Но, тој однос започнува да се менува во тинејџерските години, кога најчесто девојчињата не сакаат да бидат блиски со своите мајки, затоа што им врие крвта и сметаат дека можат секој проблем да го решат сами или со помош на своите пријателки.

Кога ќе помине тој бурен период, работите се враќаат во нормала и односот мајка-ќерка станува посилен од било кога. Тоа е навистина лудо возење и ако го имате поминато или во моментот го доживувате, знаете колку е динамично, возбудливо и специјално.

Мајка и ќеркаНекои мајки се први пријателки со своите ќерки, но некои сакаат да држат строгост.

Постојат различни типови врски. Некои мајки се први пријателки со своите ќерки, но некои сакаат да држат строгост и да бидат пред сè мајка, па го избегнуваат пријателството.

Врска „Добра пријателка“

Ако вие и вашата ќерка отворено разговарате за сè, вклучително и за љубов, секс, излегувања, постојано контактирате по телефон, ја оставате сама да греши во животот, тогаш вие имате врска од типот „добри пријателки“.

Добра страна: Вашата ќерка полесно може да се поврзе со вас ако сте „кул“ мајка и ќе има желба да споделува проблеми, да ви поставува прашања поврзани со некои поделикатни теми, да зборува за пушење, алкохол, секс или дрога.

Лошата страна: Понекогаш вашата ќерка има потреба од строг мајчински совет, а не од добра пријателка. Ако постојано дејствувате како добра пријателка, нема да имате срце да бидете построги.

Врска „Добра мајка“

Ако вие и вашата ќерка разговарате само „официјално“, се обидувате да ѝ дадете финансиска стабилност и корисни совети, практикувате строгост и дисциплина и на моменти претерувате со мајчинската грижа, тогаш вие имате врска од типот „добра мајка“.

Добрата страна: Секоја мајка го посакува само најдоброто за своите деца. Таа сака нејзините најмили да си изградат силен карактер, да научат да донесуваат правилни одлуки, да можат да се справат со проблемите и да научат како да преживеат во денешниот свет за да постигнат успех. Ако сте построги во воспитувањето, вашата ќерка подобро ќе се придржува кон правилата, отколку ако ѝ бидете повеќе пријателка.

Лошата страна: Понекогаш мајките знаат да претераат со мајчинската грижа. Ако се поставите само како родител, без да оформите пријателство со вашата ќерка, тогаш неа најверојатно ќе ѝ биде непријатно да дојде кај вас за некој поинтимен проблем, затоа што ќе се плаши дека ќе ја оценувате и критикувате. Преголемата строгост и мајчинска грижа може да предизвикаат таа да посака да тргне точно против вашите правила, за да се ослободи од ограничувањата.

Како да правите баланс меѓу добра мајка и добра пријателка?

Мајката треба да влегува во повеќе улоги, од негувателка до учителка, а некаде на средината се наоѓа и улогата пријателка. Навистина е голем предизвик за секоја жена да најде баланс и да биде едновремено и добра мајка и добра пријателка. Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да го постигнете тоа:

  • Не ги избегнувајте табу темите. Мајките отворено треба да зборуваат со своите ќерки за сите теми како секс, љубов, дрога. Обично овие теми се избегнуваат, затоа што многу мајки не знаат како правилно да им пристапат на своите деца. Не треба да ја поддржувате вашата ќерка во нејзините лудории, туку да ја едуцирате на овие теми.
  • Не критикувајте. Ако започнете со критикување, бидете сигурни дека вашата ќерка повеќе нема да ви се обрати кога ќе има проблем. Ислушајте ја и потоа советувајте ја, посочувајќи го најдобриот начин да го реши проблемот.
  • Набљудувајте кои се нејзините интереси. Бидете љубопитни каква музика слуша, кои се нејзините омилени автори и филмови. Собирајќи повеќе информација за интересите на вашата ќерка, вие ќе можете полесно да ѝ се приближите и да најдете повеќе теми за разговор.
  • Бидете подготвени за нејзините пријатели. Кога знаете дека вашата ќерка има гости, не дозволувајте да имате несреден изглед. Ако сте пригодно облечени и со средена коса, вашата ќерка ќе се гордее што сте ѝ мајка. Бидете „кул“ мајка и одете понекогаш да поразговарате со нејзиното друштво, но само ако не ѝ смета тоа. Покажете ја вашата смисла за хумор и фрлете еден-два совети пред да излезете.
  • Еднаш неделно излегувајте само вие двете. Изберете си еден ден во неделата во кој ќе правите нешто заедно. Можете да посетите театар заедно или да седнете на пица.
  • Поставете граници. Колку и да сакате да бидете најдобра пријателка за вашата ќерка, сепак вие ѝ сте мајка. Тоа значи да поставите јасни граници. Ако се поставите како пријателка, нема да можете да бидете строги кога тоа ќе биде потребно, затоа што ќе сакате да избегнете кавга. Поставете си граница до која ќе се зближувате и оставете малку простор за строгост и дисциплина.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20842 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.