Вие сте основоположници на Француската градинка кoja денеска е дел од Француско интернационално училиште. Кои се вашите почетоци и кој ви беше предизвикот за да се постават вистински стандарди за родителите да им овозможат на децата квалитетно образование во Македонија?
Билјана З. Кракутовска
Билјана З. Кракутовска: Секој почеток е предизвик, а посебно кога станува збор за отворање на образовна установа што ќе нуди квалитетно образование за децата. Отворањето на француската градинка во 1999 година беше една вистинска, ни малку лесна авантура. На почетокот бевме финансиски подржани од амбасадата на Република Франција за подоцна да застанеме на свои нозе и сами да ја продолжиме борбата за опстојување на пазарот на приватни градинки, продолжувајќи ја замислената идеја и остварувајќи ја нашата мисија – квалитетно и уникатно образование за децата.
Веселинка Ковачева: Понудата на нов квалитет во претшколскиот образовен систем, различен од македонскиот, става посебен акцент на згрижувањето. Ентузијазмот и желбата за квалитет допринесоа нашата институција да се здобие со акредитација од Француското Министерство за образование и наука и од македонското Министерство за труд и социјала.
Што нуди францускиот образовен систем и кои се причините што ќе ги убедат родителите да ги запишат своите деца во Француско интернационално ичилиште?
Билјана З. Кракутовска: Во Францускиот образовен систем, градинката почнува од 3 години. Тоа значи дека децата доста рано почнуваат со изучување на основните знаења, притоа развивајќи ги своите интелектуални и физички капацитети што често несвесно се игнорирани и недоволно поттикнати во македонското претшколско образование. Во нашето училиште нудиме современи методи на учење, индивидуален пристап кон ученикот и професионален однос родител-професор-ученик. Нашите ученици на крајот на основното образование односно петто одделение, се вистински тријазичари кои одлично ги владеат македонскиот, францускиот и англискиот јазик. По завршувањето на ова образование, децата добиваат шанса и можност своето образование да го продолжат на француските државни универзитети кои се квалитетни, нудејќи студентска стипендија за учениците.
Во тек сте со француската традиција и многу често одбележувате одредени датуми кои се поврзани со Франција. Кои се тие и зошто се важни за да ги знаат децата и родителите?
Веселинка Ковачева: Ги одбележуваме сите важни празници, без разлика дали тие се македонски, француски или меѓународни. Посебни приредби организираме за време на Марди Гра-зимскиот карневал, за божиќните празници, за меѓународниот ден на жената, како и за меѓународниот ден на детето. Исто така, одбележуваме и други настани како што се недела на вкусовите, недела на науката, недела на книгата и други. Имаме соработка со други француски европски училишта при што правиме и размена на ученици. Во текот на годината, голем дел од настаните ги одбележуваме и заедно со родителите.
Учениците од градинката и училиштето изготвија еколошки круни со вовед за преставување на новиот проект за оваа учебна година „Заштита на животната средина“. Што преставува и каква улога има овој проект и колку е важно децата да знаат како да ја заштитат животната средина?
Билјана З. Кракутовска: Оваа активност е во рамките на проектот „Да се биде граѓанин’’ по којшто е познато и препознатливо нашето училиште. Минатата година имавме проект „Прва помош’’ за децата кои се на возраст од 3 години и служеше тие да знаат како да реагираат во случај на несреќа. Оваа година нашата активност ќе биде насочена кон зачувување и одржување на животната средина, а тоа за учениците подразбира едукација и совети од екологијата, како и организирање на работни акции за чистење и рециклирање, а исто така и совети за штедење на електрична енергија.
Децата треба да научат дека енергијата не е неограничена, дека шумите се ограничени, и дека струјата троши енергија. Треба да знаат дека уште од раните години се стекнува навиката за чување на животната средина и дека животната средина секој треба да ја почитува и да се грижи за неа.
Освен децата, во целиот процес се вклучени и родителите.
Каков е вашиот однос со родителите и колку тие учествуваат во проектите што ги спроведува вашето училиште?
Веселинка Ковачева
Веселинка Ковачева: Ние сме училиште кое го негува односот ученик-родител-професор. Родителите се многу активни во училиштето, тие постојано се интересираат и при секоја овозможена прилика учествуваат во градењето на тој однос. Како за пример, на нивно барање воведовме уште еден дополнителен час по англиски јазик и плус уште еден час, мајчин јазик (македонски или албански). Веќе е практика еднаш месечно, ние и родителите да се собираме надвор од училиштето и да дискутираме за теми и прашања околку наставната програма и децата. Со еден збор, наоѓаме голема поддршка од родителите и секогаш сме подготвени да ги дискутираме и да ги овозможиме нивните барања и идеи.
Можете ли да направите споредба меѓу македонскиот и францускиот образовен систем?
Билјана З. Кракутовска: Една од разликите што можам да ја напоменам е тоа што во Франција образованието за децата започнува уште од градинка, на возраст од три години. Тогаш детето започнува да учи три јазици и математика, а подоцна и да учи да чита и да пишува. Тоа им дава подлога на децата кога ќе влезат во основно образование веќе да имаат основни познавања на материјалот што ќе го изучуваат понатаму. Она што го знам за македонскиот образовен систем е дека се запознавме и соработуваме со многу мотивирани професори, луѓе што се желни своето знаење да го пренесат на учениците преку методи што ќе бидат занимливи за децата и мотивирачки за учење. Конкретно за децата во нашето училиште можам да кажам дека се многу посветени, а резултатите се одлични. Исто така, децата од моето одделение се деца со кои е многу пријатно да се работи бидејќи нивниот број во одделението е ограничен на 15 во група, а тоа дозволува посебно да се внимава и на дисциплината. Во Франција групите на деца се многу поголеми.
Рековте учењето бара многу дисциплина и концентрација. Како се справувате со хиперактивните и немирните деца?
Веселинка Ковачева: Има огромна разлика помеѓу хиперактивноста и лошото воспитание. Ние предаваме, ние сме професори а условите што ги нуди ЕФИС во голема мера дозволува и да воспитуваме. Кај нас учењето и воспитувањето одат заедно. Групите од 15 деца ни овозможуваат со секое дете посебно да работиме и да му понудиме дополнително воспитание и внимание секогаш кога му е потребно. Дисциплината е основна и предуслов за да може ефективно да се предава и да се учи. Да не заборавиме дека во нашето училиште се учи на три јазика а тоа бара многу дисциплина и работа.
Зошто е важно да се изучува францускиот јазик и француската култура?
Билјана З. Кракутовска: Познавањето на странски јазик е многу важен за понатамошно развивање и просперитет на децата. Конкретно кога станува збор за францускиот јазик, децата по завршувањето во нашето училиште, можат своето школување да го продолжат во Франција каде француските универзитети имаат признати дипломи на европско и на светско ниво. Воедно, ако направиме споредба со англиските универзитети, студирањето во Франција чини 10 пати поевтино и нуди можност да се работи во Франција со 60% од полното работно време.
Со каква диплома ќе се стекнат децата што ќе учат во ЕФИС?
Веселинка Ковачева: На крајот на средното училиште ученикот ќе се стекне со диплома од француска матура, документ издаден од Министерството за образование на Франција. Оваа диплома ќе му овозможи на ученикот пристап до Универзитетите на европската унија.