Почетна » Убавина и мода » Тело » Педикир во домашни услови

Педикир во домашни услови

Вистински негуваната жена никогаш не ги занемарува своите стапала, без разлика дали ѝ се сокриени во топли чизми преку зимата или се на показ пред сите во текот на летото. Но, ако и вам чизмите ви помогнаа да заборавите на негата на стапалата, сега е моментот да си ја исправите грешката, за да можете подготвени да скокнете самоуверено во летните модерни сандали.

Педикир и убави стапалаПедикирот може да биде едноставен, лесен и забавен, а резултатите секогаш ќе направат да се почувствувате подобро.

Педикирот е најефективниот начин да ја истакнете убавината на вашите стапала. Освен што ќе ви овозможи да го подобрите изгледот на ноктите и кожата, ќе ви помогне да си ја подобрите циркулацијата во нозете и да го спречите враснувањето на ноктите во кожата.

Доколку сакате сами да се погрижите за вашите стапала и да постигнете беспрекорен изглед, можете да си направите домашен педикир.

Домашен педикир – чекор по чекор

Пуштете си релаксирачка музика, запалете миризливо стапче и уживајте во педикирот исто како да сте во скап центар за убавина.

Исчистете го стариот лак

Доколку на ноктите на нозете имате лак, отстранете го со помош на памучни тампони и ацетон или уште подобро – со отстранувач на лак без ацетон. Натопете го тампонот и со него истријте ги ноктите.

Ако лакот не излегува лесно, тогаш натопете го обилно памучниот тампон со ацетон и поставете го неколку секунди да постои врз ноктот.

Доколку имате флеки на ноктите или ви изгледа дека пожолтеле од преголемата употреба на лак во боја, сега е моментот да ги истриете со стара четка за заби и паста наменета за избелување на забите.

Потопете ги стапалата во топла бања

Не го правете тоа набрзина. Уживајте подолго во домашниот педикир. Потопувањето на нозете во топла бања освен што ќе ви ја даде посакуваната чистота, ќе ви помогне и да се чувствувате убаво, а и ќе ја омекне кожата, подготвувајќи ја за ексфолијација.

Наполнете едно легенче со топла вода и додајте во него 2 шолји млеко и 1 кафена лажичка етерично масло од розмарин, нане, чајно дрво или лаванда.

На дното од легенот поставете мала крпа која ќе биде удобна подлога за вашите стапала. Потоа потопете ги стапалата и уживајте барем 10 минути.

Направете си ексфолијација

Педикирот нема да има целосен ефект ако им обрнете внимание само на ноктите. Грубата кожа на стапалата е особено непривлечна, па затоа треба да се потрудите да ја отстраните.

Започнете со четка за стапала. Убаво исчеткајте ги и двете стапала. Тоа ќе ви помогне да отстраните дел од мртвите клетки на површината на кожата и да ги омекнете стапалата.

Следува пилингот. Ако немате готов козметички производ за таа намена, можете да си приготвите домашен пилинг со тоа што ќе измешате шеќер, маслиново масло и неколку капки етерично масло. Масирајте со пилингот од петите кон прстите и нагоре до каде што ви е потребно. Постојано правете кружни движења. Правете го тоа по 2 минути на секое стапало и потоа измијте ги со топла вода.

Продолжете со камен или турпија за пети. Редовната употреба на камен или турпија ќе направи чуда за кожата на стапалата, затоа не ја прескокнувајте.

Оформете ги ноктите и средете ги кутикулите

Исушете ги добро стапалата и земете грицкалка за нокти, масло за кутикули и поттурнувач на кутикули.

Сечете ги ноктите во права линија и избегнете го сечењето на аглите, затоа што во спротивно ризикувате да се појави непријатното и болното врастување на ноктите во кожата. Должината на ноктите не треба да го надминува врвот на прстите. За да ги заоблите аглите, користете турпија.

Потоа премачкајте ги кутикулите со специјално масло и турнете ги со дрвено заоблено стапче кон коренот на ноктот. Потопувањето на стапалата во топла бања ги омекнува кутикулите и нивното средување треба да биде лесно. Не ги сечете кутикулите со грицкалка.

Омекнете ја кожата и подарете си масажа

Ставете на дланките од својот омилен лосион. Премачкајте ги стапалата со него и масирајте ги со кружни движења.

Масажата ја подобрува циркулацијата, ги релаксира мускулите, ја намалува болката и го редуцира подувањето на стапалата.

Масирајте додека лосионот не се впие во кожата.

Налакирајте ги ноктите

Земете памучен тампон и отстранете го лосионот од ноктите. Потоа премачкајте ги со подлога. Ако немате подлога за лак, ставете проѕирен лак. Тој ќе ги заштити вашите нокти, особено ако користите лак во силна боја.

Се препорачува да ставате два слоја лак, но сепак тоа, како и бојата на лакот, останува да биде по ваш избор.

Откако лакот ќе се исуши, можете да употребите малку масло за дополнително да ја омекнете кожата.

Дали сте знаеле...

Се препорачува човек секојдневно да прави по 10 000 чекори за да го зачува своето здравје. За да го правите секој чекор без проблем, негувајте ги вашите стапала онака како што заслужуваат, затоа што тие го носат целиот товар.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20786 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.