Почетна » Убавина и мода » Мода » Париската недела на модата: колекции пролет/лето 2012

Париската недела на модата: колекции пролет/лето 2012

Париз беше домаќин на бурна и атрактивна модна недела, која заокружи еден фешн месец исполнет со многу ретро гламур, фантазија и креативност.

Александар МекКвин

Стилот на модната куќа Александар МекКвин е толку уникатен и препознатлив што секогаш ќе буди воодушевување. Сара Бартон, чие име се поврзува со венчаницата на Кејт Мидлтон, уште еднаш покажа дека лекциите на покојниот МекКвин се врежани во нејзиниот ум.

„Таа е брилијантна во својата работа. Очигледно таа ги зема сите негови карактеристични црти и на некој начин им дава светлина. Навистина беше фантастично, дури и триумфално“ – коментирала Александра Шулман, уредничка на британскиот Вог.

Alexander McQueen Alexander McQueen

Кристијан Диор

Додека модниот свет со нетрпение очекува да дознае кој ќе ја преземе диригентската палка во Диор по Џон Галијано, тимот на оваа модна куќа работи под раководство на десната рака на Галијано, Бил Гајтен.

По мешаните критики кои ги понесе колекцијата висока мода, Гајтен реши да донесе поедноставна и побезбедна колекција инспирирана од гламурот на 50-тите години. Спојот од романтика и сексапил беше преточен во облеката преку проѕирни ткаенини, рафинирани набори и женствени ретро шапки. Не остана незабележано присуството на кожа и твид.

„Сметам дека беше навистина убаво: прекрасна лесна вечерна облека – тоа беше голем скок нанапред од couture шоуто, особено со лесната изработка од чипка и шифон. Можам да го видам сето ова на црвениот тепих“ – изјавила Лусинда Чемберс, моден директор во британскиот Вог.

Christian Dior Christian Dior

Ланвин

Драматичното шоу на дизајнерот Албер Елбаз го стави на преден план готик стилот. Една по една манекенките покажуваа крстови изработени од бисери, огрлици и токи на колани во форма на орел, скапоцени додатоци во форма на змија извезени околу фустани...

При дизајнирањето на колекцијата, во главата на Елбаз се вртела слика на ангел во пеколот. Можеби нагласените раменици, кои им дадоа посебна силуета на креациите, беа на некој начин крилјата на тој ангел.

Lanvin Lanvin

Жан Пол Готје

Тетоважите беа главен мотив во колекцијата на Жан Пол Готје. Тату-принтови можеа да се видат врз хулахопки, фустани, панталони, но и врз кожата на манекенките. Секоја манекенка што дефилираше носеше број во раката, исто како на натпревар за убавина, а во меѓувреме коментаторот кажуваше по некој збор за нејзините хобија и интереси. Кога ќе се земе во предвид дека се работи за ревија на Готје, сето тоа не звучи чудно или откачено.

„Тоа беше уважување кон неговата кариера и ги имаше сите негови класики“ – изјавила Лусинда Чемберс по завршувањето на шоуто. Фризурите инспирирани од 40-тите години, пирсовите и тетоважите како магија го задржаа вниманието на публиката до финалето кое се состоеше од секси долна облека во препознатливиот стил на Готје.

Jean Paul Gaultier Jean Paul Gaultier

Џон Галијано

Брилијантниот стил што Галијано го градеше долги години ја окарактеризира и новата колекција. Бил Гајтен ги употреби сите препознатливи елементи од дизајнерскиот арсенал на Галијано – феноменален шифон, женствени сакоа и мантили, свилени фустани, свечени блескави тоалети, проѕирни сексапилни набори... Плетените коси, шапките и чевлите тип Мери Џејн го надополнија изгледот на манекенките. Инспирација за колекцијата Бил црпел од Мери Пикфорд и Мери Попинс.

Иако креациите добија пофалби, сепак критичарите не пропуштија да споменат дека на колекцијата ѝ недостигаше експертизата на Галијано.

John Galliano John Galliano

Шанел

Шанел нурна длабоко во морето. Карл Лагерфелд приреди магично шоу инспирирано од подводниот свет. Искористувајќи нестандардни материјали кои ни сам не може да ги опише, 78-годишниот дизајнер создаде блескава нежна колекција во која манекенките изгледаа како импресивни морски суштества.

Морската пена, подводните растенија, алгите и школките го пронајдоа својот пат до креациите на Шанел, а бисерите претворени во тенки колани и сребрените чизми ѝ дадоа гламур на и така сјајната колекција.

Chanel Chanel

Луј Витон

„Тоа беше прекрасна панорама од освежителни пастели. Со сите тие чисти бледи бои, беше како голема модна свадбена торта“ – изјавила Александра Шулман, коментирајќи го цветното магично шоу на модната куќа Луј Витон.

Креативниот дизајнер Марк Џејкобс со задоволство се поклони на крајот на спектакуларното шоу, оставајќи ги присутните да се прашуваат дали од наредната сезона ќе го гледаат во Диор или не.

Louis Vuitton Louis Vuitton

Живанши

Темната и мрачна естетика на Рикардо Тиши уште еднаш ги освои критичарите. Исто како Сара Бартон и Карл Лагерфелд, и Тиши успешно го презентираше својот талент благодарение на инспирација од подводниот свет.

Тесни хеланки кои потсетуваат на долниот дел од одело за нуркање, заби од ајкула како приврзоци и украси на сандалите, крокодилска и змиска кожа во комбинација со пастелни нијанси на розово и крем, црно и војничко зелено ја преплавија пистата. Присутните му дадоа дополнителна гласност на аплаузот кога шоуто го финализира Жизел Бундхен.

Givenchy Givenchy

Ели Сааб

„Color Shock“ – така Ели Сааб ја именува својата најнова колекција. И веднаш може да се забележи зошто. Колекцијата беше поделена на блокови од бои – шоуто се отвори со бисерни креации, а продолжи со нежни фустани во сенф и портокалова боја, за да заврши со темнозелени и гламурозни сини тоалети.

Како и секогаш, елеганцијата и софистицираноста се провлекуваа во креациите кои гарантирано ќе ги преплават црвените теписи во Холивуд.

Elie Saab Elie Saab

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20789 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.