Се прашувате со какви обувки да ја збогатите вашата мала колекција или кои обувки да си ги ставите на дофат на рака? Еве ги најактуелните трендови со кои во текот на пролетта и летото ќе останете во чекор со модата.
Модели

Штом пукне силното сонце, своето место на улиците го пронаоѓаат сандалите на платформа. Но, оваа година тие се помодерни од секогаш.
Без разлика дали платформата е тип „полумесечина“ или пак има клинеста форма, ваквите обувки нема многу да ги заморуваат вашите нозе, а ќе ви ги издолжат за со гордост да сакате да ги покажете.

Оставете силен впечаток со сандали на штикла кои имаат многу тенки ремчиња. Колку поразнобојни се тие, толку подобро. Но, нема да погрешите и ако изберете еднобојни сандали.
Доколку ремчињата ви се досадни, пронајдете сандали на врзување со дебела врвца или дебела лента. Мошне интересен тренд се сандалите со дебела лента за врзување со која ќе можете да направите убава панделка на глуждовите.

На секоја жена ѝ треба одмор од високите обувки. Добрата вест е што во текот на топлите денови практичните ниски сандали ќе ни дозволат ем да ги одмориме стапалата, ем да изгледаме фенси и тренди.
Претпочитајте ги гладијаторките, сандалите со ремчиња во „Т“ форма, сандалите со ленти за врзување и сандалите со цветен, животински и геометриски принт. Но, исто така не треба да ги избегнувате и елегантните сандали во минималистички стил.
Ниските сандали се must-have оваа сезона, особено ако ви се потребни обувки за да го надополните вашиот летен макси фустан.

Иако во минатото балетанките беа оценувани како досадни и никогаш не беа асоцирани со зборот „секси“, во изминативе неколку години дизајнерите докажаа дека балетанките можат да бидат елегантни и шик исто како и обувките со штикла.
Тие се најкомфорниот избор на секоја жена, без разлика на нејзината возраст, а најдоброто е што ќе бидат „ин“ и оваа пролет и лето. Еднобојни, со линии, со цветен дезен, со детали во вид на цвет, панделка или блескави камчиња... сите се модерни.
Алтернатива на балетанките се чевлите тип „Оксфорд“ кои остануваат меѓу најактуелните трендови.

Кломпите веќе две сезони срамежливо се обидуваат да се наредат до најголемите трендови. Имајќи во предвид дека модата од 70-тите е апсолутен хит, нема начин како да се прескокнат кломпите.
Сепак, оваа сезона не треба да ги барате стандардните кломпи, туку сандалите кои ја „крадат“ формата на кломпите.
Тоа се сандали со дрвена потпетица и дебела штикла. Нивната негативна страна е што изгледаат малку грубо и нападно, па треба да внимавате со што ги комбинирате. Добар избор се винтиџ сукњите и фустаните.

Последен, но не помалку важен тренд се новите обувки на рамна платформа или популарно наречени „flatforms“ (flat+platforms= flatforms). Кај нив целата платформа е со еднаква висина и токму поради тоа нудат удобност, а истовремено додаваат и неколку сантиметри висина.
Тие се одлично дополнение на облеката во стилот на 70-тите години која е најголем тренд оваа сезона. Феноменално одговараат со фармерки тип траперки, но и со долги сукњи и макси фустани.
Обувките со рамна платформа се наречени „it“ обувки за 2011 година.
Бои и дезени
Обувките оваа сезона треба да оставаат силен впечаток. Светлите јаки бои како мастило сина, корална, циклама, жолта и зелена ќе донесат многу свежина во вашиот изглед. Како тренд се издвојуваат и обувките чии различни делови се во различни бои (на пример, дел од ремчињата сини, другите зелени, а ѓонот бежов).
Ако досега не сте успеале да си набавите чевли во месо боја, сега е крајно време да го направите тоа.
Разведрете го вашето расположение со обувки со цветен дезен или пак изберете геометриски или животински принт. Така ќе покажете дека сте добар познавач на најновите модни тенденции.