Почетна » Убавина и мода » Мода » Модни трендови – пролет/лето 2011

Модни трендови – пролет/лето 2011

Пролетта и официјално започнува, а вие сè уште не сте одлучиле кои нови трендови ќе се обидете да ги прилагодите кон вашиот стил на облекување? Трендовите за новата сезона нудат за секого по нешто, па подгответе се за забавна, колоритна, сексапилна, женствена и романтична сезона.

Еве кои се најактуелните трендови за сезоната пролет/лето 2011:

Весели комбинации од светли, флуоресцентни и бои на скапоцени камења

Заборавете ги угаснатите бои и нијансите на зимското сивило. Пролетното сонце треба да ви донесе желба да облечете нешто повпечатливо. Во модните колекции за сезоната пролет/лето лудуваа различни бои и неочекувани комбинации.

„Флуоресцентните бои традиционално се асоцираат со уличната и младешката мода. Но, оваа сезона флуоресцентните бои пораснаа“ – Лусинда Чемберс, моден директор во Вог.

Најактуелни се портокаловата боја и црвено-розовата, која Pantone ја објави за боја на 2011г. За да бидете во тренд, обидете се да направите комбинации на зелена и сина, како и црвена и розова. А ако сметате дека сте доволно умешни, внесете и трета силна боја.

Веселите живи бои најбезбедно е да ги комбинирате со друга облека и модни додатоци во боја на кожата и со шминка која дава природен изглед. Ако не сте доволно храбри за да излезете од дома во комбинација од впечатливи бои, додајте пролетна свежина во вашиот изглед преку модни додатоци во бои на скапоцени камења.

Моден тренд – силни боиGucci, Paul&Joe, Versace

Долги и кратки панталони со широки ногавици и висок струк

Елегантни и софистицирани, панталоните со широки ногавици и висок струк ќе бидат супер модерни. Нема да направите грешка ако веднаш си купите ваков тип панталони затоа што ќе се задржат како тренд и наредната сезона. Можете да ги комбинирате со сатенска или свилена кошула за поженствен и посериозен изглед.

И кратките панталони оваа сезона ќе имаат висок струк и ќе бидат неверојатно удобни. Најмодерни се панталоните од лесни и тенки материјали.

Моден тренд – панталони со широки ногавици и висок струкMonique Lhuillier, Nina Ricci, Paul&Joe

Комфорен џинс

Џинсот никогаш не излегува од мода, но е еден од клучните трендови за наредната сезона. Ослободете се од тесните фармерки со низок струк и ставете си на дофат на рака барем еден пар фармерки со широки ногавици или траперки со висок струк во стилот на 70-тите години. Носете ги со тесно коланче и со кошула или блуза прибрани внатре во нив.

Дизајнерите порачаа дека не е моден грев да се облечете во џинс од глава до петици. Модерни ќе бидат и фустаните и сукњите од тенок џинс, но оваа сезона заборавете ги мини сукњите.

Моден тренд – џинсDerek Lam, Elie Tahari, Thakoon

Совршено чисто минималистичко бело

Малото црно фустанче заменете го со мало бело фустанче. Но, не завршувајте со белото тука, затоа што белата боја е најпрактична за претстојните топли денови. Носете бело во каква што сакате форма – бели костуми, долги фустани од нежни лесни ткаенини, пријатни лежерни блузи... сигурно нема да погрешите.

И секако, не ја заборавајте белата кошула. Белата кошула е must have за секоја сезона, а особено за оваа пролет. Носете ја вовлечена внатре во фармерки или во панталони со висок струк и додајте интересно тенко коланче. Во зависност од ткаенините можете да добиете или лежерен и секојдневен или елегантен изглед.

Моден тренд – совршено чисто белоDolce & Gabbana, Stella McCartney, Thakoon

„Гола“ облека

Бојата која е мешавина од светло розова и крем боја (или уште наречена месо боја) сè уште владее во креациите на дизајнерите и заедно со белата ќе биде преферирана од модерните жени кои не се обожаватели на дречливите бои.

Облеката во месо боја стои како втора кожа и може да се комбинира со било која друга боја.

Моден тренд – „гола“ облекаDonna Karan, Nina Ricci, Versace

Проѕирни ткаенини и романтична чипка

Топлото време бара и полесна облека, па дизајнерите и овој пат ги преплавија модните писти со проѕирни фустани, блузи и сукњи. Облекувањето на слоеви од неколку проѕирни парчиња облека е исто така актуелно, особено ако не сакате да покажувате што има под облеката.

За голема радост на обожавателките на чипка, таа останува да носи романтика и сексапил и во пролетната и летната облека. Тренди се и парчињата облека создадени целосно од чипка, но и оние кои вклучуваат само мали парчиња од овој материјал. Иако е модерна во сите бои, најмногу ќе се издвојува чипката во бела, крем и црна боја.

Моден тренд – проѕирни ткаенини и романтична чипкаDolce & Gabbana, Stella McCartney, Thakoon

Уметнички, цветен, геометриски и животински принт

Воопшто не е за изненадување што цветниот дезен е во мода, затоа што тој отсекогаш се вбројувал во пролетните трендови. И оваа пролет цветовите ќе цветаат не само по парковите и дрвјата, туку и на нашата облека. Животинскиот принт веќе неколку сезони ги освојува модните писти и насобира обожаватели.

Инспирирајте се од флората, од фауната, од строгите геометриски фигури или неопределените апстрактни форми. Облеката со дезени сезонава е меѓу најголемите трендови.

Моден тренд – уметнички, цветен, геометриски и животински принтBluemarine, Oscar de la Renta, Paul&Joe

Долги фустани и сукњи

Мини сукњите се „аут“ оваа сезона. Избирајте фустани и сукњи кои се долги или до средината на листовите на нозете или до подот. Макси фустаните веќе две сезони се актуелни, па голема е веројатноста веќе да имате еден ваков фустан во вашиот плакар.

Пред да решите да го следите трендот на фустани и сукњи со средна должина, бидете сигурни дека тоа одговара на формата на вашето тело. Пониските жени едноставно треба да го игнорираат овој тренд.

Моден тренд – долги фустани и сукњиDolce & Gabbana, Stella McCartney, Thakoon

Комбинезон панталони

И повторно ќе бидат популарни комбинезон-панталоните. Дизајнерите понудија најразлични модели во различни стилови. Нема да погрешите ако изберете елегантен комбинезон од нежна ткаенина, спортски комбинезон или комбинезон со цветен дезен во хипи стил.

Но, не облекувајте вакво парче облека само затоа што е модерно. Ако не ви стои на телото, ризикувате да изгледате непривлечно, а дури и смешно.

Моден тренд – комбинезон панталониElie Saab, Etro, Salvatore Ferragamo

Кратки пресечени блузи

Во 90-тите години беа популарни кратките блузи кои го отскриваа стомакот. Но, оваа сезона модерните кратки блузи не треба да го покажат целиот стомак, туку елегантно да покажат тенка линија од стомакот.

Блузите може да бидат плетени, свилени или памучни, а за да изгледаат модерно, потребно е да се комбинираат со сукњи или панталони со висок струк. Славните личности како Ријана, Џенифер Лопез и Ен Хетавеј веќе се обожавателки на овој тренд.

Моден тренд – кратки пресечени блузиSalvatore Ferragamo, Paul&Joe, Versace

Хоризонтални риги

Ригите ќе бидат насекаде оваа сезона. Било да се црно-бели, сино-бели во морнарски стил или разнобојни, ригите ќе можете да ги видите на различни модели на фустани, џемперчиња или блузи.

Лошата страна на хоризонталните риги е што можат да ви додадат неколку килограми, па добро размислете како ќе ги комбинирате.

Моден тренд – хоризонтални ригиMarc Jacobs, Moschino, Prada

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20802 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.