Почетна » Убавина и мода » Коса » Природни домашни маски за раскошно убава коса

Природни домашни маски за раскошно убава коса

Косата е како накит кој жените секојдневно го носат со гордост. Без разлика на бојата, должината, волуменот или обликот, косата е незаменлив дел од женската убавина.

Па затоа, нема жена која не посакува прекрасна, блескава коса којашто ќе привлекува погледи, исто како на рекламите. Но, со цел да го постигнат тоа, најчесто жените всушност ја оштетуваат косата. Прекумерната употреба на фенови, преси и козметички продукти не само што не ја прави косата раскошно убава, туку и ја зголемува веројатноста таа да остане безживотна, крута и без сјај.

Жена со убава косаМаските за коса се брз и ефективен начин да ја потенцирате убавината на вашите прамени

Освен користењето на шампони и регенератори, како дел од негувањето на косата треба да практикувате и: применување на советите за заштита на косата од негативни влијанија како топлина и силни хемикалии, редовно потстрижување и „хранење“ на косата. Косата може да ја „храните“ на два начина: внатрешно, преку храната која секојдневно ја консумирате и надворешно, преку маските за коса.

Маските за коса се брз и ефективен начин да ја потенцирате убавината на вашите прамени. А домашно приготвените маски за коса се најдобри затоа што од една страна се целосно природни, а од друга – евтини. Подолу ќе најдете неколку рецепти за маски кои ќе ја ревитализираат вашата коса и ќе ѝ го дадат потребниот блесок и цврстина.

За сува и оштетена коса

Божествена маска со мед и млеко

  • 1 презреана банана
  • 5-6 капки бадемово масло
  • ½ чаша млеко
  • 1 лажица мед

Испасирајте ја бананата и кон неа додајте го бадемовото масло. Затоплете го малку млекото, колку за да можете да го растопите медот во него. Млекото со мед додајте го во смесата со бананата и добро промешајте.

Ставете ја приготвената маска на скалпот. Прво масирајте го скалпот, а потоа разнесете ја смесата надолу по прамените. Оставете ја да делува 20-30 минути. На крајот, измијте ја косата со шампон.

Ревитализирачка маска со авокадо и мајонез

  • 1 авокадо
  • ½ чаша мајонез
  • 2 лажици маслиново масло
  • 2 лажици мед

Испасирајте го авокадото. Додајте ги мајонезот, маслото и медот и мешајте додека не добиете хомогена смеса. Ставете ја маската на косата и масирајте 2 минути. Потоа, ставете најлонска капа и оставете ја смесата да делува 20 минути. Измијте со млака вода и шампон.

За мрсна коса

Кисела маска за здрав блесок

  • 1/3 чаша јаболков оцет
  • 1 лажица мед
  • 10 капки масло од лаванда
  • сок од еден лимон

Измешајте ги дадените состојки и мешајте додека не се растопи медот. Навлажнете ја косата (со помош на крпа отстранете ја преголемата влажност) и потоа ставете ја маската на скалпот, па разнесете ја надолу. Оставете ја да делува 20-25 минути и измијте ја косата со шампон.

Јаболкова маска за неверојатно мека и нежна коса

  • 1 ситно рендано јаболко
  • 2 лажици јаболков оцет
  • 2 лажици сок од лимон

Во изренданото јаболко додајте ги оцетот и сокот од лимон и промешајте. Ставете ја смесата на скалпот и нежно масирајте. Разнесете ја маската и надолу кон врвовите, но сепак внимавајте најголем дел да остане на скалпот. Ставете најлонска капа и оставете ја смесата да делува 30 минути, а потоа исплакнете со вода и измијте ја косата со шампон.

За нормална коса

Природна маска за сјај и мекост

  • 2 лажици масло од рузмарин
  • 1 лажица мед
  • 1 јајце

Изматете го јајцето и во него додајте ги маслото и медот. Мешајте додека не се соединат. Ставете ја маската на главата и со врвовите на прстите лесно масирајте и разнесете ја смесата по целата коса. Ставете најлонска капа и оставете ја маската да делува 30 минути. Измијте со млака вода и шампон.

Заштитна маска за цврстина и хидратација

  • 4 лажици маслиново масло
  • 4 лажици мед
  • 2 белки од јајце
  • ½ краставица

Изматете ги двете белки од јајце и во нив изрендајте ја краставицата. Додајте ги маслиновото масло и медот и убаво промешајте. Нанесете ја смесата на главата и полека со прстите разнесете ја низ косата. Ставете најлонска капа и оставете ја маската да стои 30 минути. На крајот, измијте ја косата со шампон.

Како до едноставна маска за коса?

Сакате да ја негувате вашата коса дома, но ви недостига време или желба да приготвувате смеси и да мешате различни состојки? Тогаш, најдобро е да си направите брза и едноставна маска со една состојка.

Најдобри состојки кои можете да ги искористите како маска за коса се: авокадо, банана, мед, јајца, маслиново масло, мајонез, глина, јаболков оцет. Земете кој и да било од набројаните продукти и нанесете го со масирање на скалпот и надолу по прамените. Ставете најлонска капа и оставете ја маската да дејствува 15-30 минути. Потоа, измијте со шампон. Резултатите ќе ги забележите веднаш, бидејќи вашата коса ќе стане мека, свиленкасто нежна и ќе придобие здрав сјај.

Совет: препорачливо е мајонезот и авокадото да се употребуваат за сува до нормална коса, а јаболковиот оцет, глината и јајцата за мрсна коса.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20788 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.