Џенифер Лопез заслужено ја понесе наградата Икона на годината на „E! People's Choice Awards“.
На настанот, 51-годишната актерка и пејачка шармираше во црвен мини фустан од Кристијан Сиријано. Наградата ѝ беше доделена од актерот Арми Хамер.
На екранот во салата ѝ беше подготвено изненадување. Актерките Никол Кидман и Рене Зелвегер ѝ испратија видео порака: „Ти си вистинска дефиниција за икона. Те познавам долго време и сум те гледала како преминуваш од сила во сила. Ти испраќам љубов и едвај чекам да те прегрнам кога ќе заврши сето ова“ – рече Никол.
Но, очите на Лопез се насолзија кога на екранот се појавија нејзините најголеми фанови, близнаците Макс и Еми.
„Боже, 2020 не беше шега, нели? Мислам пред 2020 бевме опседнати со освојување на оваа награда или со номинација за награда или се натпреварувавме кој ќе продаде најмногу... Но, не оваа година. Оваа година ни покажа што е важно, а што не е. Кај мене го засили она што ми е најважно: Луѓето, сите нас, заедно. Да си помагаме едни со други, да се сакаме, да бидеме љубезни. И важноста на таа конекција, на тој човечки допир. Верувам дека тоа е она што сите го сакаме, тие споделени искуства, да знаеме дека не сме сами во ова“.
„Вашата верба во мене ме мотивира да продолжам и понекогаш кога сум уморна или ‘претепана’, како што сме сите ние оваа година, моето семејство, пријателите, моите малечки и моите фанови, сите вие, сте оние кои ме креваат кога не можам да се подигнам себеси. Благодарна сум што ве имам, што го имам тоа во мојот живот“.
„Сакам да ги инспирирам сите девојки, на сите возрасти и во сите бои, во целиот свет, да знаат дека можат да направат сè што ќе посакаат без разлика од каде доаѓаат. Сакам да знаат дека нивните соништа се ограничени само од нивната имагинација, посветеност и решителност никогаш да не се откажуваат. Ако успеав да допрам до вас, или до нив, дури и на најмалиот начин, тогаш тоа е најголемата награда која некогаш ќе ја примам“.
„Ја прифаќам оваа награда со скромност и благодарност и се надевам дека можеме да стоиме заедно обединети и горди, во хармонија“ – рече Лопез.