Џорџ Клуни денес беше уапсен во Вашингтон. На 50-годишниот актер му беа ставени пластични лисици и беше приведен од полицијата поради неговото учество во протест пред Амбасадата на Судан.

Клуни и група демонстранти откако одржале кратки говори влегле на територијата на амбасадата. Во тој момент им било кажано да отстапат или во спротивно, дека ќе бидат уапсени. Откако го игнорирале и третото вербално предупредување, полицијата им соопштила дека сите се уапсени. Демонстрантите се наредиле во линија, на сите им биле ставени лисици и биле одведени во притвор со комбиња. Заедно со Клуни бил уапсен и неговиот татко Ник.


Познатиот актер, заедно со повеќе активисти за човекови права и американски конгресмени, протестирал пред дипломатското претставништво на Судан поради блокада од страна на властите во оваа држава на доставувањето на хуманитарна помош на суданскиот народ. Насобраната група го обвини претседателот на Судан, Омар ал-Башир, дека предизвикува хуманитарна криза и дека го блокира доставувањето на храна и помош во нестабилниот регион на границата меѓу Судан и неодамна отцепениот Јужен Судан.

Клуни во вторникот се врати од Судан и веднаш се сретна со Барак Обама за да ја изрази својата загриженост за безбедноста и здравјето на луѓето во Судан.

„Ова е за владата во Картум да сопре произволно да ги убива своите невини мажи, жени и деца. Престанете да ги силувате и престанете да ги изгладнувате. Тоа го бараме“ – рекол Клуни.
Апсењето не било неочекувано. Најверојатно Клуни и останатите активисти знаеле дека ќе бидат приведени бидејќи без дозвола влегле на територијата на амбасадата.
Надополнето: Џорџ Клуни беше ослободен со кауција од 100 долари.