Со препознатливите крупни очи, широката насмевка и префинетиот сексапил, Пенелопе Круз ги краси страниците на мајското издание на списанието „Harper’s Bazaar“. 37-годишната актерка блесна во дизајнерски креации на Армани, Живанши, Шанел и Версаче пред објективот на Тери Ричардсон.

Во интервјуто за „Harper’s Bazaar“ Пенелопе зборувала за својот идол Мерил Стрип. „Кога за првпат започнав да гледам филмови и ја видов работата на Мерил Стрип, тогаш станав опседната со актерството. Сега ја бакнувам секогаш кога ќе ја видам! Мора да мисли дека сум луда“ – изјавила таа.

Пред неколку години Пенелопе учествувала во топлес фотосесија заедно со Мерил Стрип, за кампања за борба против сидата. Во врска со тоа, Круз изјавила: „Само што дојде на снимањето, морав да седнам топлес над неа. Тоа беше најинтересната љубовна сцена што ја имам направено.“

Пенелопе, нејзиниот сопруг Хавиер Бардем и нивниот мал син Леонардо редовно патуваат на релација Мадрид-Лос Анџелес. Но, иако долго време престојуваат во динамичниот Лос Анџелес, познатата актерка вели дека не би сакала да живее таму.

„Кога доаѓам тука имам толку многу спомени. Некои од нив се добри, некои не толку добри. Имам доживеано многу убави моменти тука, но не сакам да живеам тука. Ова не е местото каде што сакам да ги израснам моите деца“ – вели таа.

Актерката со егзотична убавина секогаш изгледа совршено за време на нејзините појавувања на црвениот тепих. При изборот на облека таа вели дека најважен ѝ е комфорот. „Сè што барам е да можам да дишам“ – признала Круз.