Смртта на Витни Хјустон ги шокираше сите вклучени во музичката индустрија, но според менторот на големата музичка дива, Клајв Дејвис, шоуто мора да продолжи затоа што така би сакала и самата Витни.
Витни Хјустон почина во хотелот Беверли Хилтон броени часови пред да присуствува на забавата организирана од Клајв во истиот хотел. „Витни беше толку полна со живот. Таа со нетрпение ја очекуваше оваа вечер“ – со овие зборови Клајв им се обрати на присутните на гала вечерта по повод вечерашното доделување на Греми наградите.
„Таа ја обожаваше музиката и ја сакаше оваа ноќ која ја слави музиката. Витни би побарала музиката да продолжи. И нејзиното семејство рече дека шоуто треба да продолжи“ – рекол Дејвис и побарал со молчење присутните да ѝ оддадат почит на легендарната пејачка.
И додека славните гости ја полнеа салата во хотелот, неколку ката погоре сè уште во хотелската соба лежеше безживотното тело на Витни.
На забавата присуствуваа многу ѕвезди како Алиша Кис и нејзиниот сопруг, Бритни Спирс, Адам Ламберт, Миранда Ламберт, Тони Бенет и Ким Кардашијан. Прв на сцената се качил Тони Бенет кој освен Витни ги споменал и Мајкл Џексон и Ејми Вајнхаус, пред да ја отпее „How Do You Keep the Music Playing?“.
Пи Диди направил обид да го подигне расположението велејќи: „Кога и да ја видеше Витни, таа те удираше со прекрасна насмевка. Ако навистина веруваме во Бог, тогаш вечерва треба да го славиме животот на Витни“.
Алиша Кис ѝ ја посвети на Витни песната „No One“.
Додека присутните на гала вечерата ѝ оддаваа почит на Витни, само неколку ката над нив полицијата ги истражуваше можните причини за смртта на Витни. Според најновите официјални информации, телото на безживотната Витни било пронајдено во када во соба на четвртиот кат на хотелот Беверли Хилтон. Нејзиното лице било под вода. Иако медицинските лица се обиделе да ја оживеат само 12 минути по направениот повик за итна помош, Витни била прогласена за мртва.
Во моментот на смртта, во хотелската соба биле нејзиниот стилист, фризерка и двајца членови на обезбедувањето. Сите биле загрижени бидејќи Витни била еден час во бањата, а требало да започне да се подготвува за забавата на Дејвис. Кога фризерката влегла да провери што се случува, започнала да вреска, а потоа влегол бодигард кој ја извлекол Витни од водата и ѝ дал вештачко дишење.
Порталот TMZ објави дека само половина час пред смртта, Витни телефонски разговарала со својата мајка и ништо не изгледало невообичаено.
Се верува дека Витни зела средства за смирување (Xanax) и дека тоа ѝ предизвикало поспаност.
Многумина искоментирале дека забавата на Клајв е на некој начин погрешен начин за оддавање на почит. „Ова е нереално. Не можам да поверувам дека телото е сè уште тука, а ова се случува. Не знам дали е непочитување или прослава во нејзина чест“ – изјавил сведок.
„Ова е погрешно. Нејзиното тело е сè уште тука во зградата и сепак овде сите се забавуваат и свират музика во нејзина чест“ – изјавил друг.
Клајв секоја година организира забава пред Греми наградите.