Билетите се распродадоа за само неколку часа, а публиката со сјај во очите и исполнети срца го проследи концертот „MTV 80s & 90s: The Greatest Hits“, кој ги оживеа златните музички моменти на 80-тите и 90-тите години.
Камерниот Оркестар на Битола ⋮IWConnect се претстави во своето најдобро светло и ги однесе присутните на музичко патување низ декадите во кои се нижеа неповторливи хитови. Салата на Центар за култура Битола зрачеше од енергијата, а настанот дефинитивно ќе биде запаметен како еден од најпосетените оваа година.
Ова патување низ времето траеше два часа, а низ звуците на Камерен Оркестар на Битола ⋮IWConnect предводен од диригентот маестро Владимир Димовски и изведувачите Love Itoya, Агни Авшар, Ирена Димовска - Памперс, Ана Петановска, Александра Трајческа, Рената Кралевска, Кики Плиш, Марија Цветановска, поп рок хор Битвокс, како и балетските играчи при Национална опера и балет, се потсетивме дека музиката е вечна, а добрите песни никогаш не стареат. Од првиот такт до последниот аплауз, атмосферата беше магична и исполнета со емоции, носталгија, и пеење во еден глас.
За овој настан се бараше карта повеќе, што потврдува дека духот на 80-тите и 90-тите сè уште живее во срцата на многумина. Секој присутен можеше да почувствува дека е дел од нешто посебно, дел од вечер која ги преплете најубавите стихови во една незаборавна симфонија.
„MTV 80s & 90s: The Greatest Hits“ ќе остане запишан како концерт кој ја разбуди носталгијата и нè потсети на вистинската магија на музиката.
Поради големата заинтересираност за концертот, организаторите – Камерен Оркестар на Битола ⋮IWConnect најавуваат реприза на овој концерт во Битола во периодот што следи.
За повеќе информации за настаните на Камерен Оркестар на Битола ⋮IWConnect, како и за галерија од настанот следете го нивниот профил на социјалните мрежи Facebook и Instagram, или посетете ја нивната вебстрана www.chamberorchestrabitola.com
Фото: Ивона Кочов / Femina.mk