Принцот Хари и Меган Маркл не успеаја да останат незабележани додека уживаа во претпразничната атмосфера во Лондон. 32-годишниот претставник на британското кралско семејство и 35-годишната актерка за првпат беа фотографирани заедно.
Парот бил фатен од будното око на папараците додека се упатувал на театарска претстава.
Хари потврди дека е во врска со славната актерка пред еден месец, преку соопштение во кое побара да запре „бранот од навреди и малтретирање“ кон неа.
Откако во јавноста протече информација за нивната врска, Меган постојано е следена од новинари и фоторепортери, непрекинато е мета на оцрнувачки коментари и навреди, а неретко се пласираат во таблоидите и лажни стории за неа.
„Неговата девојка, Меган Маркл, е мета на бран од навреди и малтретирање. Некои од нив се јавни – оцрнување на насловната страница на национален весник, прикриен расизам во колумни и отворен сексизам и расизам од троловите на социјалните мрежи и во коментарите на статиите на интернет. Некои од нив се скриени од јавноста – ноќните правни битки за да се спречи печатење на клевети во весниците, борбите на нејзината мајка да мине меѓу новинари и фотографи за да стигне до својата влезна врата, обидите на новинари и фотографи незаконски да пристапат до нејзиниот дом и повиците кон полицијата кои следат, обидите на весниците да го поткупат нејзиниот поранешен партнер, бомбардирањето на секој пријател, колега и сакан во нејзиниот живот“ – се вели со соопштението на Хари.