Алиша Кис, Лејди Гага, Џастин Тимберлејк, Ким Кардашијан и Ашер се дел од холивудските ѕвезди кои ќе се откажат од својот дигитален живот, т.е. активноста на Facebook и Twitter, за да соберат пари за хуманитарни цели.
Оваа несекојдневна иницијатива се нарекува Digital Life Sacrifice и има за цел да собере парични средства за хуманитарната програма на Алиша Кис „Keep a Child Alive“.
Иницијативата Digital Life Sacrifice е организирана по повод Светскиот ден за борба против сидата (1. декември).
Холивудските ѕвезди кои прифатија да учествуваат ќе останат офлајн сè додека не бидат собрани 1 милион долари. Тие снимија и реклами во кои се прикажани како лежат во ковчези, како симбол на нивната „дигитална смрт“.
На рекламата на Ким Кардашијан пишува: „Ким го жртвуваше својот дигитален живот за да им даде реален живот на милиони други заболени од ХИВ/СИДА во Африка и Индија“.
Во врска со оваа кампања, претседателката на Keep a Child Alive изјавила: „Се обидуваме на некој начин да дадеме забелешка: Зошто толку многу се загрижуваме за смртта на една славна личност во споредба со милионите други луѓе кои умираат?“.