Светот на шоу-бизниот денес тагува за смртта на Мајкл Кларк Данкан. Актерот којшто влегуваше под кожа со својата топла насмевка почина на 54-годишна возраст.
Веста за смртта ја потврди неговата свршеница, Омароса Мениголт. Мајкл починал во болница каде што закрепнувал по срцевиот удар кој го доживеал во јули. Тогаш го спасила токму Омароса, со тоа што му дала вештачко дишење и го одржала во живот додека не пристигнала брзата помош. За жал, Мајкл не закрепна од срцевиот удар.
Во текот на својот живот Мајкл освои многу фанови, основно затоа што неговиот мускулест изглед беше чиста спротивност на неговиот топол и нежен карактер. Ако некогаш сте го гледале филмот „Green Mile“, сигурно до денес не сте ја заборавиле неговата фантастична изведба, за која беше номиниран за Оскар.
Пред да ја започне својата актерска кариера, Мајкл работел како телохранител на познати лица како Вил Смит и Џејми Фокс. Тој бил најмен да го заштитува раперот The Notorious B.I.G. ноќта кога бил убиен. Само неколку часа по тоа убиство, Мајкл се откажал од работата како телохранител.
Мајкл беше дел и од многу други филмски остварувања како „Armageddon“, „The Whole Nine Yards“, „Sin City“, „Planet of the Apes“ и „Kung Fu Panda“.