Големата музичка ѕвезда Витни Хјустон почина на 48-годишна возраст. Тажната вест ја потврди и нејзината претставничка за јавноста Кристен Фостер, но не даде дополнителни информации за причината за ненадејната смрт на големата пејачка.
Хјустон беше златната девојка на музичката индустрија. Од средината на 80-тите до крајот на 90-тите години таа беше меѓу најбараните и најпродаваните изведувачи. Милиони луѓе низ цел свет беа сведоци на силното влијание на нејзиниот моќен глас, а исто толку беа воодушевени од нејзината харизма и умерениот сексапил.
Во текот на својот живот Хјустон освои бројни награди, а според Гинисовата книга на рекордите, таа е најнаградуваниот женски изведувач на сите времиња. Списокот на освоени награди на Хјустон вклучува две Еми награди, 6 Греми награди, 22 АМА награди и 30 награди од Billboard.
Освен во музичката индустрија, Витни остави и своја трага во филмската индустрија. Никој кој го гледал не може да го заборави филмот „The Bodyguard“, а мега хитот „I Will Always Love You“ што произлезе од саундтракот на тој филм, беше, е и ќе остане еден од највпечатливите синглови на сите времиња.
Борбата со дрогата ја прекина успешната кариера на Витни и речиси една деценија таа беше далеку од очите на јавноста. Во 2009 година се обиде да направи камбек, но не успеа да ги замолчи гласините дека повторно користи наркотици.
Истата година во интервју за Опра таа призна дека користела дрога заедно со својот сопруг Боби Браун, а исто така призна и дека со него имала турбулентна врска. Витни и Боби Браун имаат една ќерка, Боби Кристина Хјустон Браун.
Во 2010 година Хјустон ја започна светската турнеја „Nothing but Love“. На концертите можеше да се види дека познатата дива го има загубено моќниот глас и нејзината публика и критичарите имаа само лоши зборови за нејзините настапи.
И покрај падовите кои ги имаше во својот живот, Витни Хјустон ќе остане запаметена како силна жена и фантастична изведувачка.
Витни, почивај во мир.