Мила Јовович е бремена со третото дете.
43-годишната актерка објави фотографија од пораснатото стомаче и откри дека со сопругот Пол Андерсон ја очекуваат третата ќерка.
На Instagram, Мила напиша:
Повторно бремена.
Откако дознав дека сум бремена пред 13 недели, имав помешани чувства, кои варираа меѓу потполна радост и апсолутен терор. Поради мојата возраст и поради губењето на мојата последна бременост, не сакав пребрзо да се приврзам за ова потенцијално бебе. Тоа очигледно не беше забавно и последните неколку месеци јас и мојата фамилија живеевме на игли, чекајќи да излезат куп резултати од различни тестови и поминувајќи најголем дел од нашето време на доктор.
Фала Богу, сега сме на чисто и дознавме дека сме благословени со уште едно девојче. Како и да е, посакајте ни мене и на моето бебе среќа! Ви испраќам на сите многу љубов и ќе ве известувам за мојот напредок!
Пред само три месеци, ѕвездата од „Resident Evil“ на Instagram сподели дека имала итен абортус пред 2 години. Таа била на снимање во Источна Европа кога започнала да се породува предвреме. Мила го сподели ужасното искуство откако во Џорџија беше предложен закон за забранување на абортусот.
Еве го нејзиното искуство:
Не сакам да зборувам за политика и се обидувам да го правам тоа само кога навистина морам, а ова е еден од тие моменти.
Нашите права како жени да имаме безбедни абортуси од искусни доктори повторно се доведени во прашање. Минатиот вторник, гувернерот на Џорџија, Брајан Кемп, потпиша драконски предлог-закон кој ги забранува сите абортуси по шестата недела – пред најголем дел од жените да сфатат дека се бремени – вклучително и случаите на СИЛУВАЊЕ ИЛИ ИНЕЦЕСТ.
Абортусот е доволно тежок за жените на емоционално ниво, дури и ако не мора да го прават во потенцијално небезбедни и нехигиенски услови. Лично јас морав да поминам низ итен абортус пред две години. Бев бремена четири и пол месеци и снимав филм на локација во Источна Европа. Започнав предвреме да се породувам и ми рекоа дека морам да бидам будна во текот на целата процедура. Тоа беше едно од најужасните искуства низ кои некогаш сум поминала. Сè уште имам кошмари поради тоа. Бев сама и беспомошна.
Кога ќе помислам на фактот дека други жени можеби ќе се соочат со абортуси дури и во полоши услови од мене поради новите закони, стомакот ми се превртува.
Јас западнав во една од најлошите депресии во мојот живот и морав да работам екстремно напорно за да го пронајдам својот излез. Ја ставив мојата кариера на пауза. Се изолирав себеси со месеци и морав да покажувам сила пред моите две неверојатни деца. Започнав да се занимавам со градинарство, да се хранам поздраво и да посетувам фитнес сала секој ден, бидејќи не сакав веднаш да скокнам кон земање антидепресиви пред да ја испробам секоја друга алтернатива.
Фала му на Бога, јас можев да го најдам својот излез од тој личен пекол без да земам лекарства, но сеќавањето од она низ што поминав и она што го изгубив, ќе биде со мене до денот кога ќе умрам. Абортусот е најголемиот кошмар. Ниту една жена не сака да помине низ тоа. Но, ние мораме да се бориме за да ги задржиме нашите права да имаме безбеден абортус доколку ни е потребен. Никогаш не сум сакала да зборувам за ова искуство, но не можам да молчам кога влогот е толку голем.
Пол и Мила се родители и на 11-годишната Евер и 4-годишната Дашиел.