Кевин Спејси за првпат отворено проговори дека е хомосексуалец. Славниот актер се отвори за сексуалноста откако беше обвинет од актерот Антони Рап дека се обидел да го заведе кога тој имал само 14 години.
„Многу го почитувам и му се восхитувам на Антони Рaп како актер. Со ужас ја слушнав неговата приказна. Искрено не се сеќавам на средбата, тоа би било пред повеќе од 30 години. Но, ако сум се однесувал како што тој опиша, му го должам најискреното извинување за тоа што би било многу непристојно однесување за време на пијанство и ми е жал за чувствата кои тој опиша дека ги носи со него сите овие години.“
„Оваа сторија ме охрабри да проговорам за други работи за мојот живот. Знам дека кружат стории за мене и дека некои се предизвикани од фактот што сум многу заштитнички настроен кон мојата приватност. Како што знаат моите најблиски, во животот сум имал врски и со мажи и со жени. Сум сакал мажи и сум имал романтични искуства со мажи во текот на целиот мој живот и сега избирам да живеам како хомосексуален маж. Сакам да се справам со ова искрено и отворено, а тоа започнува со преиспитување на моето однесување.“
— Kevin Spacey (@KevinSpacey) October 30, 2017
58-годишниот актер од серијата „House of Cards“ е критикуван бидејќи според многумина, со признанието тој се обидува да го одвлече вниманието од сексуалното малтретирање. Не се малку и острите коментари во кои се вели дека тој се обидува да ги помеша хомосексуалноста со педофилијата.
Антони Рап во интервју за Buzzfeed раскажа дека кога имал само 14 години, Кевин, кој тогаш имал 26 години, го поканил на забава во апартман во Менхетен.
Бидејќи Антони бил единственото малолетно лице на забавата, набрзо се повлекол во спалната соба и гледал телевизија. Во еден момент го здогледал Кевин на вратата и тогаш сфатил дека сите останати гости веќе си заминале. „Моето сеќавање е дека си помислив: 'Ох, сите си заминаа. Па, веројатно треба да си одам дома...' Мојот впечаток кога влезе во собата беше дека е пијан. Ме крена како што младоженец ја пренесува невестата преку прагот. Но, не се повлеков веднаш бидејќи си мислев: 'Што се случува?' А потоа, тој легна над мене. Тој се обидуваше да ме заведе. Не знам дали би го употребил тој термин. Но, бев свесен дека тој се обидуваше да има сексуален однос со мене.“
Антони се оттргнал и влегол во бањата, а потоа рекол дека сака да си замине. Кевин го запрашал дали е сигурен дека сака да си оди, на што тој одговорил потврдно.
„Не можам да си замислам дека некој друг што го познавам би му го направил тоа на 14-годишно момче“ - изјавил Антони, кој признал и дека бил поттикнат да излезе со сторијата во јавност од многуте жени кои проговориле за сексуалното малтретирање од страна на Харви Вајнстин.