Судењето на приватниот доктор на Мајкл Џексон заврши. Поротата одлучи дека д-р Конрад Мареј е виновен за убиство од небрежност.
Откако беше прочитана пресудата, на Мареј му беа ставени лисици и беше приведен без право на кауција додека не му биде изречена казната на 29 ноември.
За време на шестнеделното судење, обвинителите го прикажаа Мареј како неодговорен доктор, кој за 150.000 долари месечно ја прекршил Хипократовата заклетва и ја лекувал инсомнијата на Мајкл Џексон со пропофол, непредвидлив и потенцијално фатален анестетик.
Одбраната го прикажуваше Конрад како грижлив кардиолог кој со сите сили се обидувал да му помогне на својот славен пациент и да го оттргне од самоуништување. Адвокатите на Мареј се обидоа да докажат дека Џексон на своја рака ја примил смртоносната доза пропофол, но не успеаја.
„Тој беше само мала риба во голема валкана бара“ – изјавил адвокатот на Мареј, кој на неколку наврати потенцирал дека Мареј бил под огромен притисок од Мајкл и луѓето задолжени за неговите планирани концерти да го користи пропофолот како лек за хроничната несоница на кралот на поп музиката.
Мареј беше ангажиран од страна на Мајкл Џексон за да му помогне да се справи со несоницата и да го добие потребниот одмор за да ја издржи закажаната кам-бек турнеја.
Додека службеничка ја читала пресудата, Конрад не покажувал емоции, сестрата на Џексон, Ла Тоја, извикала „Да“, а мајката на Џексон, Кетрин, ги бришела солзите со марамче. Останатите членови на семејството на познатиот пејач, како и неговите обожаватели, со многу врева покажале неизмерна радост.
„Благодарам Америка, благодарам на сите. Сите беа прекрасни. Мајкл ве сака сите. Тој беше со нас во судницата, затоа правдата беше задоволена“ – изјавила Ла Тоја со солзи во очите.
58-годишниот кардиолог може да добие до 4 години затвор, а ќе ја изгуби и лиценцата за работа.