Гостувањето на Ким Кардашијан на Париската модна недела не заврши среќно.
35-годишната ѕвезда од „Keeping Up with the Kardashians“ била жртва на вооружен грабеж од страна на двајца маскирани мажи облечени како полицајци.
Странските медиуми пренесуваат дека крадците ја врзале Ким во бањата во хотелската соба, а потоа ѝ одзеле накит вреден речиси 10 милиони евра и два мобилни телефони.
Претставник на Ким изјавил дека таа не е физички повредена, но е психички потресена. „Ким Кардашијан вечерва беше држена под заложништво во нејзината соба во хотел во Париз од двајца мажи облечени како полицајци. Таа е многу потресена, но нема физички повреди“ – рекол тој за People.
По инцидентот, Кание Вест го прекинал својот концерт во Њујорк, за да отпатува и да биде со своето семејство. „Се извинувам. Се извинувам. Имам итен семеен случај. Морам да го прекинам шоуто“ – ѝ рекол тој на публиката.
Децата на славниот пар, Норт и Сент, не биле во собата кога се случил грабежот.
Кендал Џенер подоцна беше фотографирана придружувана од полиција.