На денешен ден, точно пред три години, Тоше Проески го одржа својот последен концерт на Градскиот стадион во Скопје. Неговата музика и хуманост тогаш на едно место собраа 25 000 обожаватели.
Денес, во организација на интернационалниот фан клуб форум Тоше Проески, со почеток од 20 часот пред платото на Домот на АРМ ќе биде одржана манифестацијата „Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше“.
На сцената ќе настапат млади уметници, а ќе бидат пуштани и видеа од концертите на Тоше и ќе бидат прикажувани негови слики. Манифестацијата ќе го одбележи последното дружење на македонската легенда со својата публика.
Во чест на хуманоста на Тоше, денес беше организирана и крводарителска акција под мотото „Јас штотуку спасив живот, а Вие?“ во фоајето на Домот на АРМ. Акцијата ќе заврши во 16 часот.
Да се надеваме дека традицијата за создавање на ѕвездено небо ќе продолжи и во наредните години.