Колекцијата пролет/лето 2018 година на Сен Лоран беше претставена на ревија под Ајфеловата кула.
Модните критичари ја опишаа колекцијата како „заводлива лудост“ и „колекција за вечерна забава“. Повеќето од креациите беа ултракратки и ги разголуваа долгите нозе на манекенките, а беа искомбинирани со „јети“ чизми.
„Сакам да ја раскажам приказната за Сен Лоран, за Париз - ништо подлабоко од тоа... Жената Сен Лоран е патувачка, која ја потенцира својата комплексна личност, полна со суптилна тензија. Таа е мрачен ангел со сензуална привлечност и се обвива во црни фустани со пулејки, сјаејќи како асфалтот по дожд“ - изјавил дизајнерот Антони Вакарело.
Колекцијата е посветена на Пјер Берже, кој со Ив Сен Лоран го основаа брендот пред 56 години. На секое од седиштата за публиката имало оставено картичка со извадок од љубовното писмо кое Берже му го напишал на Сен Лоран, по неговата смрт. На картичките пишувало: „Можеби ова е луда љубов. Љубов на двајца лудаци“.
На париското модно шоу присуствуваа многу славни лица од светот на модата и шоу-бизнисот како Ана Винтур, Робин Рајт, Кортни Лав, Кејт Мос и Лени Кравиц.