Креаторката Антонија Ристовска ја збогатува модната понуда на македонскиот пазар со елегантни маички со шик илустрации. По повод 20 години творење, Ристовска создаде маички со принт кој прикажува дизајни од нејзините последни колекции: Арт ен Деко, Инстинкт, Еквилибриум и Египтоманија.
Моделот на маичките е со елипсоиден женствен израз на вратот, благо ја следи фигурата и е со тричетвртни ракави. Од бои застапени се шампањ, капучино, сива, црна и темна зелена, а има околу десетина дизајни. Повеќето од дизајните се надополнети со рачно доработени апликации од свила, чипка и мониста за 3D ефект. Моделите се претставени преку фотосесија со Ангела Ѓеоргиева и Моника Алексовска.
„Елегантната варијанта е првичната замисла за комбинирање на маиците, но сепак изборот ќе биде на тие кои ќе ги носат, па така може да се комбинираат со фармерки, како блуза под палто, или пак со џемпер. А во комбинација со долго здолниште или посвечени панталони, може да се носат и на посебни настани, со што се добива свечена комбинација со кежуал момент. Истите можат да се надополнат со нараквици бидејќи тричетвртниот ракав го дозволува тоа, како и кратки ланчиња за добивање на поелегантен изглед“ – вели Ристовска.