Ели Сааб ги забрза срцата на припадничките на понежниот пол со бајковитата колекција висока мода пролет/лето 2014.
Либанскиот креатор се инспирираше од делата на уметникот Лоренс Алма-Тадема за да создаде волшебни фустани кои блескаа на модната писта во Париз како резултат на стотиците деликатни кристали.
Романтика, елеганција, нежност и женственост извираат од екстравагантните креации од кои запира здивот. Колоритната приказна започна со нежни розови нијанси, продолжи со бела, корално-црвена, златна, бебешка сина и виолетово-сина, за да заврши со мрачната црна боја. Незаборавни се долгите фустани со мали цветчиња во различни бои, како и креациите со омбре ефект.
Невестинскиот фустан на Сааб остави многумина со подотворена уста. Бежовиот фустан е спој на раскош и екстраваганција. „Жените често бараат од мене фустани како невестинскиот кој го покажав денес. Тие сакаат остварување на своите соништа и токму тоа ние се трудиме да го направиме“ – рекол Сааб по завршувањето на ревијата.



